Ковачевски-Донев: Коридорот 8, отвора нови европски рути за железнички превоз, тој е од интерес и за заедничката регионална безбедност


Реахбилитацијата и зафатите на Коридорот 8, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија и Република Бугарија, стануваат реалност. Со посветена соработка градиме наша заедничка иднина, обезбедуваме можност за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално модерно железничко поврзување, вложуваме во поврзување на целиот овој регион.
Ова денеска го порача премиерот Димитар Ковачевски на продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, кај местото Шупли Камен во близина на Куманово, на која присуствуваа и премиерот на Бугарија Галаб Донев но и многубројна владина делегација од земјава и Бугарија.

-Оваа инвестиција на Северна Македонија отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката во регионот во целина, како и соработка на регионот со други региони во Европа. Оваа економска енергетска криза со која што се соочуваме, посочи премиерот, ни предочи многу јасно колку е важна регионалната соработка и поврзаност и секако добрососедството.

Бугарскиот премиер Галаб Донев, на почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, порача дека тој е важен за сите три земји, како за Бугарија, така и за Албанија и Северна Македонија и дека без сомнеж ќе придонесе за додадена вредност на развојот на целиот наш регион.

-Коридорот 8 беше желба на многу генерации од двете страни на границата како клучна врска меѓу граѓаните и бизнис секторот од трите земји Бугарија, Северна Македонија и Албанија, изјави Донев.

Изградбата на Коридорот 8, кој поврзува три земји сојузници на НАТО, посочи Донев, е од интерес и за заедничката регионална безбедност, но истовремено ќе придонесе и за зголемување на трговската и стокова размена меѓи земјите.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, ова претставува отворање на ново поглавје во изградбата на македонската инфраструктура и дека визијата за европска држава не е повеќе желба, бидејќи, како што рече, овој проект е дел од европската перспектива за развој и просперитет на државата.

-Успехот е заеднички, покажавме упорност, одлучност и ја започнуваме најголемата инвестиција во железничката инфрастукруа во независна Македонија од 1991 година до денес, во вредност од 200 милиони евра, вели Бочварски.

Инаку изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година, од кога се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога првпат се стопирани активностите. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно со проектот на првата делница.

Со договорот со тогашниот изведувач – германски „Вибе”, беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, но поради проблеми при изведбата, претежно од имотно правен карактер беше потпишан анкес со рок за изградба до февруари 2020 година, по што во јуни 2020 година работите беа прекинати со реализирани 54 проценти, а државата најави арбитражна постапка.

Во февруари лани ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер во кој ги спои првите две делници. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи „Ѓулермак” и „Штрабаг” и потпишување договор во јули годинава.

Back to top button
Close