Ковачевски: Уште една лага и небулоза е обвинувањето за “бинационална држава”
Уште една во низата небулози со кои опозицијата ја замајува јавноста. Со овие зборови премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција го оцени последното обвинување од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оти со уставните измени, власта работи на создавање на бинационална држава.
Кога сите факти ќе ве побијат, рече Ковачевски, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро.
Истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде“,кажа Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово-Страцин.
Реакцијата на премиерот следува откако изминативе денови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека власта работи и на изработка на уставни измени со кои, според него, ќе ја редифинираат земјава. Споед Мицкоски, власта работи на создавање на бинационална држава на два народи, неколку етнички заедници, кои сега како дел од народи се во рамки на Преамбулата на македонскиот Устав и постоење на малцинства.