За продолжување на растот ќе се обидеме да донесеме висококвалификуван кадар од Индија – најавува Мукаетов од „Алкалоид“


Во услови на планови за раст и развој на нови производи, македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ сериозно ја разгледува опцијата за проширување на своите тимови со експерти од азиските земји, пред сè од Индија, вели генералниот директор на компанијата, Живко Мукаетов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Според него, најголемиот предизвик за „Алкалоид“ денес веќе не е продажбата, туку задржувањето и мотивирањето на квалитетните кадри. За да одговори на потребите за нови производи, компанијата планира да ги прошири своите ресурси преку ангажирање на странски стручни лица.

„Ние, објективно, со тие амбиции на потребните нови производи кои ги имаме во истражување и развој не можеме целата таа потребна работна снага на висококвалификувани научници кои би работеле во истражување и развој, да ја обезбедиме во Македонија. И заради тоа сме во фаза да пробаме да се дозасилиме со луѓе однадвор. Тоа би било секако интересно и корисно и од аспект на размена на таа култура и како би функционирало тоа“,

вели Мукаетов.
Иако, според него, одливот на кадри од компанијата е минимален во споредба со периодот од пред 10 до 15 години, раководството се соочува со предизвици да ги задржи најквалификуваните кадри. Мукаетов вели оти домашниот систем недоволно брзо и квалитетно произведува вакви кадри и поради нивната реткост во глобални рамки, најдобрите македонски кадри во истражување и развој понекогаш се мета на големи мултинационални компании од Германија и од Швајцарија.

„Мене ми е многу драго што ние полека, борејќи се да градиме една мотивација кај нашите вработени, сите програми кои ги правиме за нив, дали е тоа прво овозможување на услови да работат со најнова технологија, преку плати, преку дополнителни издатоци за децата на нашите вработени, преку приватно здравствено осигурување, преку разни награди за лојалност до едукации, се трудиме да ги мотивираме да останат во рамките на компанијата. И мислам дека ако се споредиме сега и пред 10-15 години, минимален е одливот. Но, сепак, поединечно понекогаш го има. И исто така, ако се споредиме, ако порано нашите вработени си оделе во Хрватска и во Словенија, сега објективно сметам дека ние како компанија во рамки на нашата индустрија сме поконкурентни од она што им го нудиме како пакет на нашите вработени во однос на овие земји“,изјави тој.

„Алкалоид“ во моментов брои повеќе од 3 000 вработени и има над 6 000 акционери, а бидејќи компанијата не може во целост да ја обезбеди потребната работна сила од висококвалификуваните кадри само во земјава, привлекувањето кадар од надвор се гледа како неопходно за реализација на амбициите на компанијата.

Back to top button
Close