„Кримска платформа”: Демократскиот свет нема да се откаже од поддршката на Украина

epa10264252 Participants of the Summit pose to the media during the First Parliamentary Summit of the International Crimea Platform which is organised by Ukraine and Croatia in Zagreb, Croatia, 25 October 2022. EPA-EFE/ANTONIO BAT

Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, денеска од Загреб порача дека демократскиот свет нема да се замори во поддршката на Украина.

По завршувањето на Парламентарниот самит „Кримска платформа” што се одржа во Загреб, Јандроковиќ рече дека од собирот, на кој се собраа повеќе од 50 земји и меѓународни организации, е испратена „јасна порака до претставниците на Руската Федерација, агресорот, дека цивилизираниот демократски свет нема да се измори да ја поддржува Украина”.  

„Ќе биде со нив додека не го ослободат и последниот сантиметар од нивната територија”, нагласи Јандроковиќ. Тој рече дека учесниците на состанокот во заедничка изјава повторно и дале јасна поддршка на Украина и потврдиле дека го почитуваат територијалниот интегритет, суверенитет, уникатноста, независноста и меѓународно признатите граници на таа земја.  

„Ја осудивме агресијата на Руската Федерација врз Украина, ги осудивме незаконските анексии, кршењето на човековите права и испративме порака до Русија да се повлече од Украина и да ја оконча војната”, нагласи Јандроковиќ кој беше домаќин на Самитот заедно со претседателот на украинската Рада, Руслан Стефанчук.  

Претседателот на украинскиот Парламент на прес-конференција рече дека од Самитот и е испратена јасна порака на Русија, посочувајќи дека Украина има сила и волја да победи и да ја врати контролата врз својата територија, вклучително и Крим.  

Кримската платформа е украинска иницијатива за обединување на меѓународните напори за враќање на Крим на Украина. Првиот самит на ниво на шефови на држави или влади се одржа во август минатата година во Киев, а следниот годинава во август, во виртуелен формат.  

Хрватска го прифати предлогот на Украина да биде домаќин на парламентарниот формат на „Кримска платформа” поради војната во таа земја.

Back to top button
Close