Кризен штаб Гостивар: Состојбата со пандемијата станува алармантна

Зголемувањето на бројките на новоинфицирани во гостиварскиот регион е алармантна и потребно е да се спроведат активности за доследно почитување на мерките за заштита од коронавирусот. Ова е една од оценките на кризниот штаб за општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше. Во трите општини, според последните бројки на здравствените власти, укажуваат на близу 200 активни случаи, од кои 22 се третираат во болнички услови.

Меѓуопштинскиот Кризен штаб за општините Маврово и Ростуше, Гостивар, и Врапчиште денеска на седница ја разгледуваше состојбата со коронавирусот по речиси три неделна пауза заради изборните активности. Претставниците на општините и институциите констатираа дека има пораст на новозаразени и бројката е речиси за три пати зголемена од последната седница.

– Состојбата на подрачјето е сериозна и станува алармантна. Бројката на активни случаи е 193 од кои 145 во Гостивар, 42 во Врапчиште и 6 во Маврово и Ростуше. Меѓу заклучоците е ангажирањето на институциите кои се вклучени во кризниот штаб да влијаат врз граѓаните во доследно почитување на мерките за заштита и препораките на здравствените власти, беше кажано по седницата.

На новинарско прашање зошто постои несовпаѓање на бројките на дневна основа, беше кажано дека тоа се должи на доцнењето во извештаите кои ги објавува Министерството за здравство, додека кризниот штаб ги добива порано од Институтот за јавно здравје.

Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски упати апел до граѓаните за поголема соработка со епидемиолозите и притоа да не ги кријат симптомите и контактите.

– Работата е навистина сериозна и сите треба да бидеме претпазливи и да не дозволиме болеста да се шири. Затоа упатувам апел до граѓаните кога ќе добијат симптоми да се јават кај матичните лекари и тоа да не го кријат. Во спротивно ќе се доведеме во многу полоша ситуација, рече Куртовски.

Во моментов во гостиварско има 170 лица кои се во изолација кои имаа позитивни тестови и имаат благи симптоми се асимптоматски, а 22 лица се лекуваат во болнички услови.

Во последната статистика на здравствените власти од почетокот на пандемијата регистрирани се вкупно 360 случаи од кои во општина Гостивар 217, Врапчиште 77, а во Маврово Ростуше 12 случаи. Во трите гостиварски општини досега како последица од Ковид-19 22 починале 22 лица, најмногу во Гостивар 15, Врапчиште 6 и едно во Маврово и Ростуше.

Back to top button
Close