Кунгуловски: Ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95% зависно од старосната граница

Микробиолог од Клиниката Жан Митрев, д-р Горан Кунгуловски, ги анализира последните бројки на заразени од ковид -19 во државава, откривајќи кој има поголеми шанси да се зарази од болеста – прележаните, вакцинираните и непрележаните што не се вакцинирани.

„Oние што ја прележале болеста имаат мала шанса да се заразат. Ефективноста на прележаноста кон нова инфекција (ре-инфекција) е некаде меѓу 80-95% зависно од старосната граница. Позитивниот аспект е што оваа ефективност не се намалува дијаметрално дури и после повеќе од 6 месеци; има студии каде што после 9-10 месеци останува таква. Прележаните со барем една доза на мРНК вакцина имаат 2-3 пати подобри исходи од невакцинираните прележани. Покрај тоа нивниот имун одговор созрева (барем 4-12 месеци) и може да неутрализира и идни соеви на вирусот коишто моментално не постојат“, вели д-р Кунгуловски.

Од друга страна, вакцинираните со две дози на мРНК вакцина , а се непрележани, имаат мала шанса да се заразат првите 1-2 месеци од примање на вакцината (ефективност околу 85-95% зависно од старосна граница).

Како изминува времето оваа ефективност паѓа на 40-50% после 6 месеци и веројатно на 20-30% после 9 месеци (во зависност од старосната граница). После 9 месеци, вакцината се уште добро се држи во однос на намалување на ризикот за смрт со просечна ефективност >80%, но за несреќа кај повисоки старосни групи се намалува на 50%, посебно кај тие над 80 години. Тоа е добар аргумент за примање на booster доза после 6 месеци кај старите, имунокомпромитирани и изнемоштени лица. [многу малку литература има за кинеските и руските вакцини, затоа не коментирам за нив], пишува д-р Кунгуловски.

„Знаејќи го ова, прележаните треба во најмала рака да се третираат како вакцинираните: прво за да бидеме интелектуално и научно искрени и да не ги дискриминираме, второ за да ги мотивираме оние што се тестираат дома да се пријават за да влезат во официјална статистика и последователно да имаме подобар увид во епидемиолошката состојба“, додава тој на својата објава на Фејсбук.

Натаму, непрележаните и невакцинираните, според д-р Кунгуловски имаат најголем ризик за сериозен тек на болеста и смрт и треба да се вакцинираат.

„ Посебно тие во повисоките старосни групи. Тие се луѓето коишто ги полнат и ќе продолжат да ги полнат болниците, се додека не стекнат некаков имун одговор.. Полните болници имаат два главни ефекти: помалку соодветна нега на болните од КОВИД и намалена медицинска нега на болните со други хронични болести. Секој со својот ум и за себе и за другите“, порачува докторот.

Back to top button
Close