Куп навреди и пцости за Македонците од бугарскиот европратеник Александар Јорданов

Во објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија. Јорданов е член на партијата Сојуз на демократски сили – СДС, која е во коалиција со ГЕРБ на Бојко Борисов, а во Европскиот парламент (ЕП) делува како член на Европската народна партија – ЕПП.

Неговата објава следува по вчерашите тензии на граничниот премин „Деве Баир“ кога, како што официјално соопшти македонското МВР, поради пад на системот, бугарски граѓани кои беа тргнати за Скопје да присуствуваат на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, неколку часа стоеја во место.

Ова предизвика тензии и инцидент во кој неколку бугарски државјани со вербални навреди и недолично однесување викаа кон македонските полицајци, што резултираше со тројца приведени бугарски граѓани, а судот во Крива Паланка им изрече казна од 300 евра и забрана за влез во Македонија во траење од три години.

„Скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија Гоце Делчев, испраќа јасна порака: Република Северна Македонија нема место во Европската Унија“,

напиша вчера Јорданов на својот фејсбук профил.
Според него, „уште еднаш стана јасно дека еден национален револуционер како Бугаринот Георги Делчев нема ништо заедничко со денешните Македонци кои се ‘копи-пејст’ на најодвратните комунисти од времето на Југославија“.

„Мора да се стави крај на нивната децениска непријателска политика кон Бугарија. Го слушнав и лидерот на опозицијата во оваа земја – малку познатиот Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој активно работи против својата држава во интерес на соседна Србија. А најверојатно и на Русија. Денеска не повика нас, Бугарите, да гледаме кон иднината, кон 21 и 22 век. Веднаш му одговарам: Ако сакате, т.н Македонци, да гледате во иднината, зошто центарот на Скопје го изградивте со антички и ренесансни градби? Зошто го фалсификувавте дури и урбаниот архитектонски простор? Нема иднина за такви комунистички остатоци како вие титоисти, црвени ѓубриња, југословенски гикови. Ќе висите пред портите на Европа многу долго. Ќе клечите пред нив додека не ви скапат тиквите за историската вистина дека сте срамни наследници на достојни македонски Бугари. Дека сте се одродиле од својот бугарски народ. Долго ќе чекате за европско членство, барем додека не сфатите дека сте србомански измет. И дека не сте достојни да го носите името Македонци, затоа што ова име низ вековите го носат само Бугари, македонски Бугари. И тоа какви Бугари: Прличев, браќата Миладинови, Кирил Пејчиновиќ, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански“,се наведува во фејсбук објавата на Јорданов која ја пренесува бугарски „Труд“.

 

Навистина ми е преку глава, додава тој, и затоа, како европратеник, „ги повикувам сите бугарски политичари, млади и стари, десни и леви, либерали и зелени, зрели и незрели, да заземат цврста и непоколеблива позиција во одбрана на бугарската историја, култура и националност во Македонија – минатата и денешната“.

„Затоа што во оваа географска област, чиј дел денес ја окупира независната држава Северна Македонија, живеел и живее бугарскиот народ“ завршува Јорданов.

Јорданов, очигледно, по неговата оригинално пренесена објава на „Труд“ подоцна направил корекција на постот во делот каде што им порачува на Македонците дека се „србомански измет“.

Во уредениот пост на Фејсбук, фразата „србомански измет“ ја заменил со „србомани“, и напишал: „…зошто поведението ви е на србомани“.

Ова не е прва навредлива јавна порака на Александар Јорданов за Македонците. Неодамна тој припадниците на прилепскиот партизански одред што го крена востанието на 11 октомври 1941 година ги нарече терористи.

Back to top button
Close