Купиле парцели во Лисиче па општината им вцртала маркички за згради

Пет катастарски парцели во Ново Лисиче со вкупна површина од 1.181 метар квадратен и заведени како ниви во имотните листови, од мај минатата година се сопствеништво на две лица. Тоа се Ивица Јаќимовски и Роберт Јакимовски, газди на компанијата „Голден Арт“, која има потписи на десетина фасади во Скопје, претежно во Општина Аеродром, запишани се како физички лица, името на правниот субјект не фигурира, објави порталот Призма.мк.

Порталот наведува дека нивната сопственичка површина треба да влезе во градежна парцела на која е предвиден станбена зграда со приземје, 10 ката и поткровје. Деталниот урбанистички план (ДУП) е во подготовка. Истиот, се вели во истражувањето на Призма.мк, беше ставен на јавна анкета на 30 март, јавна презентација се одржала на 3 април и беше на јавен увид до вчера.

Земјиштето било купено од инвеститорите пред да има ДУП, а тие за веб медиумот Призма тврдат дека кога го купувале не знаеле дека општината на нивниот имот ќе испланира згради.

„Примерот во Лисиче покажува дека има случаи во кои  уште пред да се усвои нов ДУП, дури  и пред неговата содржина и информациите за тоа што ќе може да се гради да ѝ станат достапни на јавноста, градежници веќе се позиционирале,“- потенцира Призма.

Компанијата „Голден арт“ има земјиште и во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во Општина Центар, каде што имаше граѓанска иницијатива за менување на ДУП-от за да се направи повеќе зеленило. Јаќимовски, кој освен што ја води сопствената компанија, е претседател и на Градежната комора.

Back to top button
Close