Курти: ЗСО ќе има ниво на самоуправување, без загрозување на уставниот поредок на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека договорот постигнат во Охрид меѓу Косово и Србија вклучува формирање на заедница на општини со српско мнозинство, што, според него, не е најдобро за Косово, но е можност да се оди напред.

Тој вели дека во членот 10 од европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, се вели дека двете страни потврдуваат дека мора да се применат сите досегашни договори.

-Затоа, има 39 договори кои мора да се спроведат – рече Курти.

Тој додава дека членот 7, кој зборува за српската заедница во Косово, е за служби, а не за структури.

-Ниво на самоуправување, без загрозување на уставниот поредок на Косово – истакнува Курти и посочи дека има неколку предлози, но, како што тврди, другата страна се заканила со прекин на разговорите.

Лидерите на Србија и на Косово во саботата во Охрид постигнаа договор за нормализација на односите меѓу двете страни кои беа нарушени од осамостојувањето на Косово во 2008 година.

Back to top button
Close