Кузеска: Мицкоски знаел за државјанството на Груевски, затоа документите не се праќаат

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека премиерот Христијан Мицкоски знаел за унгарското државјанство на Никола Груевски. Таа истакна дека со месеци СДСМ укажувала оти Груевски има државјанства и патни документи од други држави, но, според неа, Мицкоски свесно ги игнорирал тие информации и изнесувал неточни тврдења пред јавноста.
-Мицкоски го знаел тоа цело време и свесно ги лажел граѓаните. Како и за се друго, како што лажеше за враќање на името, за поништување на Преспанскиот договор, како што лажеше дека е загрозен македонскиот идентитет. Така и за Груевски. Затоа Мицкоски изјавуваше дека Груевски ќе биде уапсен и затоа до денеска нема испратено документи за негова екстрадиција во Македонија.
Се е јасно. Помина повеќе од еден месец откако беше најавено дека во Министерството за правда се подготвуваат документите за екстрадиција. Граѓаните слушаа најави дека документите се подготвуваат, дека патуваат, дека постапката за ново барање е во тек. И што се случи – документите никогаш не беа испратени – рече Кузеска.
Според неа, изјавите од Министерството за правда за продолжување на постапката се обид за, како што вели, создавање привид дека се работи на случајот, додека реални чекори не се преземаат.
-Вчера Министерството за правда соопшти дека постапката за екстрадиција продолжува и покрај информациите за унгарско државјанство. Но и ова е лажна изјава за создавање привид дека нешто се работи. Да сакаа Мицкоски и Филков досега барањето за ексрадиција ќе беше испратено, веднаш по најавите на новиот унгарски премиер, Петер Маџар, уште пред еден месец дека Унгарија нема повеќе да биде заштитник на криминалци .
Вистината е многу едноставна – Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран, затоа го штитат. Мицкоски не го сака враќањето на Груевски затоа што тоа директно би ја загрозило неговата позиција во ВМРО-ОКГ. Ги тргна сите потпретседатели од партијата а од општинските комитети направи личен фан-клуб, поради страв од враќањето на неговиот ментор – истакна Кузеска.
Извор: fokus.mk






