Лајчак: ЗСО не е единственото нешто што треба да се имплементира, и Србија има многу неспроведени обврски
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, инсистира дека покрај основањето Заедницата на општини со мнозинско српско население (ЗСО), што е обврска на Косово, и Србија мора да ги спроведе и сите членовите од Договорот за патот кон нормализирање на односите.
„Оваа (Заедницата) не е единствениот елемент што треба да се имплементира. Србија, исто така, има многу неподмирени обврски од Договорот и мораме да видиме дека имплементацијата напредува паралелно, така што и Косово и Србија ќе го добијат она за што се договорија, посочи Лајчак на социјалните мрежи, пренесува РСЕ.
Тој изјави дека наскоро ќе ги покани главните преговарачи во дијалогот да разговараат за следните чекори и подобрување на имплементацијата на Договорот на патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Повикот на Лајчак доаѓа откако српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти минатата недела разговараа со лидерите на Франција, Германија, Италија и ЕУ на маргините на состанокот на Европскиот совет во Брисел.
„Го поздравувам фактот што и двајцата лидери покажаа волја за спроведување на Договорот иако не можеа да се договорат за модалитетите“, посочи Лајчак синоќа на Фејсбук во своето редовно неделно резиме на настаните од претходната недела.
Тој додаде дека лидерите имале коментари и прашања за европскиот предлог за статут за формирање ЗСО во Косово, што странските претставници го презентираа за време на заедничката мисија минатата сабота.
Тој изрази надеж дека отворените прашања и грижи ќе се разјаснат во наредните недели.