Лекарите навредени оти Османи побарал владина комисија да го испита лекувањето во Инфективна клиника и во „8 септември“

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи побарал Владата да формира посебна комисија за да го испита работењето на Инфективната клиника и на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, оти како што кажал, „многу луѓе умирале“, пренесува СДК повикувајќи се на владини извори присутни на состанокот што вчера преку конференциска врска се одржувал меѓу Кризниот штаб на Владата и Комисијата за заразни болести.

 

Министерот за здравство Венко Филипче, кој на состанокот седел од страната на колегите лекари, бурно изреагирал на овој предлог на Османи, бидејќи сите лекари што се членови на Комисијата за заразни болести биле исклучително навредени.

„Лесно е да се соли памет кога се седи во фотелја далеку од ризикот за зараза со коронавирус“, раскажуваат изворите на СДК за реакцијата на лекарите.

Членовите на Комисијата што се лекари-специјалисти од различни области навредата ја сфатиле лично, затоа што Бујар Османи е по професија дигестивен хирург и нивен колега.

„Ако е толкав експерт да ја испитува нашата работа, тогаш нека биде тој шеф на Комисијата и секој ден нека доаѓа во Инфективната клиника и во ‘8 Септември’, па на терен стручно нека ги оценува инфектолозите, анестезиолозите и интернистите што веќе четврти месец немаат видено бел ден од напливот на пациенти заразени со КОВИД-19, си го ризикуваат животот, преморени се и не си ги виделе семејствата, додека тој се слика по прес-конференции“, реагирале лекарите.

повеќе

Back to top button
Close