Лекарите од Комисијата одлучија да ОСТАНАТ лекари и јас им честитам на тоа!

Многумина од нас ноќеска немаа мирен сон откако со саати ги читаа објавите и коментираа под нив, а во кои дрвја, камења и анатеми се фрлаа врз членовите на Комисијата за заразни болести и министерот за здравство за одновото воведување на полицискиот час…

Доказ за недостатокот на религиската писменост и непрактикувањето на сопствената вера се токму коментарите дека Духовден бил “празник на мртвите”, верскиот обред за Задушница мора (!) да се спроведе на гробовите или, пак, маестрално – “Нема жива сила која ќе ме спречи на Задушница на отворено да ручам со мојата почината мајка!”… Ајде…Скраја да е! 🙏

Апсолутна невистина е дека нема опасност од ширење на корона-вирусот на Задушница бидејќи Задушницата се практикувала на отворено и не треба да си многу умен за да заклучиш дека сегашната Македонија е далеку од библиската земја на апостол Павле судејќи по пикникот на отворено, веселбата (да, добро прочитавте) и дружењето на живите на гробиштата во претпладневните часови на Духовденската задушница која раздраганост тука и таму се прекинува со извиците “Бог да ги прости!” и “Ова пакетче кое си го разменуваме нека се види (!) и пред твојот и пред мојот упокоен ближен!”

И потребата од дружење коешто започнува во претпладневните часови не стивнува ниту во текот на денот, па нашите традиционални верници засекирани дали упокоените се најале и напиле доволно, некаде по 22 часот се упатуваат повторно на гробиштата за да го слушнат одговорот од “духовите”, но како што претпоставувате – одговор нема, ниту пак ќе има!

Лага е дека на овој ден секој си плаче на својот гроб бидејќи откако навистина и ќе поплаче на својот, оди и по туѓи гробови за да размени храна и мислења.
Не знам зошто…

Бидејќи ова е неспорна кумановска и скопска вистина, потврдена со децении и векови, размислете дали постои држава на светов која со молби, интерактивност и своите лекарски и полициски ресурси ќе успее да го спречи “верниот” народ да не практикува паганство коешто во времето на пандемијата може да чини и живот?!

Апсолутно, не!

Оттаму, ги упатувам моите честитки и до членовите на Комисијата за заразни болести и до министерот за здравство кои знаејќи дека ќе бидат мета на безмилосни критики – храбро се одлучија повторно да предложат и повторно да реализираат ограничување на движењето!

Секој кој учел медицина или науки блиски на медицината знае дека доброто јавно здравје се темели исклучиво на превентивни медицински принципи и мерки, во народот: “Подобро да спречиш отколку да лечиш!” и дека лекарот е должен да преземе сѐ, во практиката и изедначувајќи се со Господ, за да го заштити здравјето на пациентот…

Вистина е дека претходново со македонските пациенти оди многу тешко оти: “Мене ли тој/таа ќе ми кажува!”, но вистина е и дека Македонија и македонската Комисија за заразни болести се единствените на Балканот кои транспарентно со народот ја споделуваат вистината за корона-состојбата.

Пи-аровски ѝ оди ли во прилог на оваа Влада и на оваа Комисија да објавува фрапантни бројки за бројот на заболените од корона во време кога другите влади и комисии очигледно манипулираат со реалноста на состојбата во своите земји?

Апсолутно, не! Објавите и коментарите на социјалните мрежи, од синоќа и утрово, го покажаа тоа.

Може ли да ја скрие вистината од народот и да го манипулира гледајќи го в очи?

Апсолутно, да!

Очигледно лекарите од Комисијата одлучија да ОСТАНАТ лекари и јас им честитам на тоа!

Уште повеќе, знаејќи дека: “Нема добро јавно здравје, без јавност која соработува!” им честитам и за храброста да направат проба предлагајќи олабавување на мерките во претходните неколку дена.

А, што увидоа: луѓе качени на маси кои славеа дека короната умрела 😁, сопственици на угостителски објекти кои во трка за профитот заборавија дека ќе се најодговорни за теророт на пандемијата бидејќи ние сме дружељубив народ, сопственици на автобуски претпријатија кои ги полнат возилата спротивно на препораките (повторно за пари), верници кои забораваат дека Господ нема појака сила в црква од просторот околу црквата, па по принципот: “Мене Бог толку многу ме сака што еве, сега и да скокнам од мост, тој ќе ме спаси оти сум добар и добро му служам!”, па одбиваат да носат маски, свештеници кои иако имаат наредба и послушание од епископите не ги опоменуваат верниците да ги почитуваат превентивните мерки, ниту пак во своите проповеди зборуваат нешто на оваа тема…

И уште многу примери, преку кои, ако сме реални и богољубиви, сами ќе заклучиме дека за ова што ни се случува – виновниците сме самите ние, нашето перманентно лицемерие, нашата перманентна заблуда дека секој ни мисли и посакува зло!

Се надевам дека во часовите во кои ќе бидеме лишени од многу работи и неостварени планови, ќе најдеме време сите колективно да се преиспитаме и од понеделник со трезвени глави да дадеме сопствен придонес во избавувањето од оваа несреќа!

Мораме! Друг избор – немаме!
Се самоубиваме колективно и пополека…

Господ нека нѐ чува и нека ни подари мудрост!

Амин.

Ивица Алексовски

Back to top button
Close