Левица: Продолжува бруталната партизација и поставување кадри по роднински линии

„Очигледно владата предводена од Мицкоски користи само празни флоскули за борба против трулиот систем, додека во пракса продолжува бруталната партизација и поставување кадри по роднински линии. За влијанието на непотизмот кај министерот Тошковски, Левица и во минатото реагираше, кога на Факултетот за безбедност беше избран неговиот баџанак за професор, наместо студент на генерација“, соопштија од Левица.

„Најновиот скандал кој доаѓа од министерството на Тошковски е именувањето на командир на ПС Македонски Брод, каде назначен е деверот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бисера Златеска. Минатата недела, во денови на жалост, додека власта ја замајува јавноста дека ќе се бори против девијантните појави во системот, Тошковски одлучи токму Жарко Златески да го именува за командир, роднина на актуелна пратеничка од редовите на власта.

За катастрофалните кадровски одлуки на Тошковски, флагрантен пример е актуелниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи – Сашо Петрушевски, воедно и кадар на ЗНАМ. Токму Петрушевски, од истото министерство во кое сега е назначен како државен секретар, добил кривична пријава за местење тендер вреден над еден милион евра. Дополнително, во 2004 година Петрушевски како директор на ЈП ЕСМ Куманово бил обвинет за местење на тендер во вредност од еден милион евра, а 10 години подоцна во 2014 година на друга функција како директор на ЈП “Чистота и зеленило“ Куманово заработува кривична пријава за злоупотреба на службената положба, со што повторно го оштетил буџетот за 85 илјади евра.

Еклатантен пример за тоа дека услов за вработување во МВР е да си партиски активист со кривична пријава е екс-претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски. Дерковски, како долгогодишен член на ДПМНЕ, сега е вработен како советник на министерот Тошковски. Токму Дерковски во минатото доби кривична пријава за маловерзации со компанијата „Дуна”, а за време на парламенарните избори во 2020 година. Се работи за скандалот кога сајтот на ДИК неколку часа не беше во функција поради контроверзната компанија „Дуна”, која го доби тендерот од ДИК.

Јасно е дека и Владата на Мицкоски нема ниту политички капацитет, ниту пак волја, да се ослободи од овие вечни функционери со криминално минато кои што граѓаните ги плаќаат од својот џеб. Додека министрите од ДПМНЕ секојдневно говорат за системски пропусти, тие бегаат од сопствената одговорност дека токму тие го градеа и продолжуваат да го градат овој длабоко корумпиран систем, каде партизацијата во секоја пора создаде неефикасни институции кои не можат да ја гарантираат ниту безбедноста на граѓаните“, додаваат оттаму.

Back to top button
Close