Левица: Станковски е поранешен осуденик, веднаш да се разреши од функцијата директор на затворот Шутка

Левица бара разрешување од функцијата на директорот на КПУ Затвор Скопје – Шутка, Оливер Станковски. Од партијата обвинуваат дека станува збор за осудувано лице кое издржувало затворска казна, а во 2016 година бил помилуван со одлука на тогашниот претседател Ѓорге Иванов. По издржувањето на казната, Станковски, како што велат од Левица, бил ангажиран во Шестата управа на МВР, а потоа и во тимот за непосредно обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски.

„Човек со претходна осуда, кој по издржаната казна повторно е вработен во безбедносниот систем, станал дел од обезбедувањето на премиерот, а потоа е поставен да раководи со затворска установа, не може да биде претставуван како доказ за професионализација на системот. Владата должи одговор зошто токму нему му ја дала довербата за една од најчувствителните функции во затворскиот систем и кој презема одговорност за ова катастрофално кадровско решение, велат од Левица.

Од Левица посочуваат дека Станковски не е единствениот ваков случај и велат дека за раководни функции на овој тип институции, потребни се стручност, интегритет, релевантно искуство и особено сериозна безбедносна проверка.

„Директорот на прилепскиот затвор Емил Јанески има кривична пријава за несовесно работење, додека Ељези, кој беше предложен за функција во КПД Идризово, претходно отслужувал затворска казна за дело поврзано со дрога, но предлогот за негово именување беше повлечен по реакциите во јавноста. Кога во краток период се појавуваат вакви кадровски решенија токму во институциите задолжени за извршување на санкциите, тешко е прашањето да се сведе на една проста коинциденција“, реагираат од Левица.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close