Лидерите на Западен Балкан потпишаа договори за поголема мобилност
Шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина денеска на самитот на Берлинскиот процес потпишаа три договори, чија цел е регионална интеграција и слободно движење на граѓаните на Западен Балкан, особено поголема мобилност на професионалци, студенти, истражувачи и професори.
Премиерите на Србија – Ана Брнабиќ, Албанија – Еди Рама, Босна и Херцеговина – Зоран Тегелтија, Косово – Албин Курти, Црна Гора – Дритан Абазовиќ и Северна Македонија – Димитар Ковачевски потпишаа три договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.
Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан.
Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и се укинуваат постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации. Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните.
Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии (акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи) во наредниот период.
По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската Влада на 21 октомври како дел од Берлинскиот процес.