Лоциран избеганиот пациент од Кичево сомнителен на мајмунски сипаници

Пациентот е лоциран. Ова попладнево го соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести (КЗБ), Александар Петличковски, откако од кичевската болница информираа дека пациент сомнителен на мајмунски сипаници избегал наместо да се тестира.

Петличковски вели дека до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во текот на денот треба да пристигне примерок за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Пациентот е од Кичево, во добра здравствена состојба и нема потреба од хоспитализација.

„Пациентот е лоциран. Контактиран е од надлежниот епидемиолог во Битола и првичната епидемиолошка анкета е завршена. Имаме достапни тестови и во ИЈЗ треба да имаме одговор дали се работи за мајмунски сипаници“,lизјави Петличковски за телевизија Сител.Претседателот на КЗБ додаде дека се направени првични лабораториски анализи, а Комисијата попладнево ќе одржи состанок за состојбата со мајмунските сипаници.

 

Претходно, ТВ Алсат објави дека 43-годишен кичевчанец побегнал и не се јавил ниту на матичен лекар, откако во кичевската болница пристигнал со симптоми на изнемоштеност и видливи траги по кожата, а лекарите му препорачале да се тестира за мајмунски сипаници.

 

Лицето во болница се јавило во понеделникот откако се вратил во земјава по тринеделен престој во Австрија. Во болницата велат дека по прегледот, покрај препораката за тестирање, му било препорачано и да остане во болница. Но, наместо тоа човекот избегал па останала веројатноста дека е заразен со мајмунски сипаници.

 

„Овој пациент првично се пријавил кај матичниот лекар во понеделникот и веднаш бил упатен, иако имале тешка соработка со пациентот. Во моментов не можам да одговорам дали е примен на Инфективна клиника или не. Тој беше во нашата болница во понеделник-вторник и му беше укажано да оди на Инфективна клиника во Скопје, но не се појави во дежурната служба, па затоа потенцирам дека имавме тешка соработка со пациентот и не знам што друго да ви кажам во моментов“ изјави за ТВ Алсат, Станко Трпески, директор на болницата во Кичево.

Според здравствениот протокол, осомничениот заболен од мајмунски сипаници со возило на брза помош требало да биде пренесен на Инфективната клиника во Скопје. Подрачната болница нема средства за вакви испитувања, но директорот на Здравствениот дом во Кичево вели дека пациентот не се појавил ниту во Одделението за брза помош.

 

„Апсолутно не дошол да бара помош за транспорт или за лекување во Брзата помош, не. Го кажувам ова со одговорност. Службата што ја покривам нема таков пациент кој дошол кај нас да бара помош, немам други информации бидејќи не сум во Кичево“,

 

рече Џабир Бајрами, директор на Здравствен дом Кичево.

Од Министерството за здравство велат дека на Инфективната клиника нема пациент суспектен за мајмунски сипаници. Оттаму соопштија дека има едно лице за кое постои сомневање дека е заразено и кому му е препорачано да се тестира. После тоа било побарано епидемиолошко истражување на неговите контакти.

 

„Во моментов се организира епидемиолошки тим за спроведување на епидемиолошко истражување. Досега не е доставен материјал за тестирање до Институтот за јавно здравје и нема потврдени случаи на мајмунски сипаници во земјава“,велат од Министерство за здравство.

Инаку, ширењето заразна болест и загрозувањето на јавното здравје е казниво според Кривичниот законик со затвор до 3 години.

Back to top button
Close