МААЕ: Иран збогатил ураниум блиску до нивото на нуклеарна бомба

Залихите на ураниум на Иран збогатен до 60 проценти, што е блиску до нивото за нуклеарно оружје, ќе бидат доволни во случај на натамошно збогатување на ураниум за нуклеарна бомба, се вели во извештајот на Агенцијата за атомска енергија на ОН (МААЕ) објавен денеска.

Преминувањето на тој праг е пресвртница во прекршувањето на одредбите од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили кои го ограничија нивото до кое на Иран му беше дозволено да збогатува ураниум на 3,67 проценти, многу под 20 проценти што Иран ги постигна пред договорот. За нуклеарна бомба потребно е ниво на збогатување од 90 проценти.

Повлекувањето на Вашингтон од договорот за време на тогашниот претседател Доналд Трамп и повторното воведување санкции против Техеран го натераа Иран да ги прекрши ограничувањата од договорот. „Иран сега може да произведе 25 килограми (ураниум) со 90 проценти ако сака“, изјави висок дипломат на прашањето дали Иран има доволно збогатен ураниум за бомба.

Во извештајот на МААЕ се наведува дека залихите на иранскиот ураниум збогатен до 60 отсто во форма на ураниум хексафлуорид, гас кој се збогатува со центрифуги, се проценува на 55,6 килограми, што е зголемување за 12,5 килограми во однос на претходниот квартален извештај.

На Иран ќе му требаат околу три до четири недели да произведе доволно материјал за бомба доколку сака, рече дипломатот, додавајќи дека на МААЕ ќе и требаат два до три дена да открие чекори во таа насока.

Иран негира дека планира да направи нуклеарна бомба. Во индиректните разговори меѓу Иран и САД, постигнат е мал напредок кон заживување на договорот. Ако договорот биде обновен, Иран ќе мора да затвори голем број напредни центрифуги, бидејќи договорот му дозволува само да ги збогати центрифугите од првата генерација IR-1. Тоа би го намалило и количеството збогатен ураниум од сегашните околу четири тони на 202,8 килограми.

Back to top button
Close