Макрон во писмо до Пендаровски: Договорот со Фронтекс е доказ дека во ЕУ се почитуваат македонскиот јазик и идентитет

Макрон во писмото му честита на Пендаровски за одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс

Писмо со честитки и поддршка за постигнатиот напредок на патот кон евроинтеграциите во последната година му испратил францускиот претседател Емануел Макрон на неговиот македонски колега Стево Пендаровски.

Во писмото, во кое „360 степени“ имаше увид, Макрон потсетува на присуството на Франција во сите клучни моменти од македонската историја од периодот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји па се до денес.

 

„Ви благодарам на вашето писмо по нашиот состанок во Лондон. Ја користам оваа прилика да ви ги упатам моите најискрени желби за вас и за вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хамронија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат. Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување на граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охрдискиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија“,пишува во писмото на Макрон до претседателот Пендаровски.

Тој му честита на Пендаровски за одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава за пристапување кон ЕУ, нагласувајќи дека со постигнатиот договор со Бугарија, целосно се почитува македонскиот идентитет, за што доказ е договорот Фронтекс.

„Ви честитам за напредокот постигнат во изминатата година. Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда“,му пишува францускиот претседател во писмото на својот македонски колега.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера во Брисел сесретна со францускиот претседател Макрон со кој разговарале, како што пренесоа бугарските медиуми, за теми од агендата на билатералната соработка и во рамките на ЕУ. Радев не пропуштил можност да му се пожали на Макрон за „антибугарската кампања“ во Северна Македонија.

„Последната антибугарска кампања во Република Северна Македонија, која доведе до голем број злосторства од омраза – палење и пукање врз бугарските културни клубови, како и насилство врз македонските Бугари, отвора прашања за улогата и одговорноста на институциите во земјата“,нагласи Радев по средбата со Макрон.

Тој потсетил дека и Бугарија и Република Северна Македонија ја прифатиле преговарачката рамка предложена во рамките на француското претседателство со Советот на ЕУ, а вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ е задолжителен чекор пред почетокот на процесот на преговори.

„Забележуваме отсуство на политичка волја за реформи и уставни измени, а наместо тоа во државата се води уште една антибугарска кампања“,посочи Радев.

 

Back to top button
Close