„Марш за ангелите“ во Кочани: Предметот „Пулс“ е испит за правда и доверба во институциите

Родителите на починатите во трагедијата во „Пулс“ и граѓани на Кочани денеска излегоа на 47. протестен „Марш за ангелите“ при што порачаа дека случајот со трагедијата не е обичен судски предмет туку 63 насилно згаснати животи, 218 повредени и болка на целиот град, објави „Гласно.мк“.

Маршот започна од Паркот на револуцијата до зградата на Општина Кочани каде се сместени и просториите на Државниот пазарен инспекторат, потоа кон канцелариите на Државниот трудов инспекторат, Управата за јавни приходи, кочанската полиција и суд.

-Пред Општината прашавме за пропустите и непостапувањата што го отворија патот кон трагедијата. Пред Државниот инспекторат за труд прашавме како е можно 13 години да нема ниту една контрола. Пред Управа за јавни приходи прашавме зошто и по девет месеци јавноста сè уште чека одговори. Пред МВР прашавме зошто не беа заштитени животите. Дали нивната законска должност беше да ги штитат граѓаните или само да бидат неми сведоци на трагедијата? Го прашуваме и Државниот пазарен инспекторат: дали вредеа фиктивните записници кои, според обвинението, го штитеа нелегалното работење на газда Деко, а не нашите деца? Ја прашуваме Дирекцијата за заштита и спасување: зошто постои оваа институција ако не за да штити и спасува човечки животи? Дали законите постоеја само на хартија, а не и во пракса? Го прашуваме обезбедувањето: дали обезбедување значи да реагираш дури откако ќе избие пожарот и потоа да објаснувате и ја убедувате јавноста колку луѓе сте спасиле? Или вашата должност беше навреме да ги препознаете и спречите опасностите, за воопшто да нема потреба некого да спасувате? Го прашуваме и газда Деко: дали имотот и профитот што, според обвинението, ги стекнал незаконски вредеа повеќе од 63 човечки животи? Дали мирно се спие кога зад тие одлуки останаа 63 згаснати животи, 218 повредени и цел град завиен во црно?, рече Александар Наунов, пред судот во Кочани.Наунов пред судот рече дека предметот не е само судење туку испит за правда и доверба во институциите.

-Денес сме пред Судот, затоа што овде треба да се донесе најважната одлука – дали сите тие докази ќе добијат своја правна тежина и ќе резултираат со одговорност. Во изминатите рочишта слушнавме докази, вештачења и сведочења. Не ги изнесовме ние. Ги изнесе Обвинителството. Доколку Обвинителството смета дека доказите ја потврдуваат одговорноста на обвинетите, очекуваме со истата цврстина, професионалност и истрајност да ги брани до самиот крај. Не поради нас, туку поради вистината, законот и поради сите оние кои повеќе не можат сами да зборуваат. Од Судот не бараме пресуди под притисок. Бараме одлука заснована исклучиво на фактите, доказите, законот и сопствената совест. Вашата одлука нема да ги врати нашите деца. Но може да покаже дека во оваа држава никој не е над законот и дека човечкиот живот е највисока вредност. Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда. Ја бараме од почит кон нивните животи и одговорност кон сите идни генерации. Зад вас стојат граѓаните. Пред вас стојат доказите. А над сите нас стои вистината. Никој не е поголем од човечкиот живот. Бараме вистинска правда. За никогаш да не се повтори, дополни Наунов

Back to top button
Close