Ме лепеа по плакати низ Скопје, се чувствував како најголем криминалец – очекувам извинување, вели Бислимоски по извештајот за РКЕ

Нема регулатор од регионот кој пет години по ред се одржал на прво место, вели претседателот на РКЕ, според кого ова е и доказ дека нашата Регулаторна комисија е на ниво на регулаторните тела од ЕУ

Петта година по ред Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е на прво место во рамки на сите регулаторни тела што функционираа во Енергетската заедница, се пофали денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, по годишниот извештај на Секретаријатот на енергетската заедница за кои се мониторирани вкупно девет регулатори од регионот.

„Нема друга регулаторна комисија за енергетика во регионот која пет пати по ред се одржала да биде на прво место. Тоа е уште една потврда дека политиките што ги води РКЕ се засноваат пред сè во интерес на потрошувачите во Македонија. Во овој извештај, меѓу другото, е наведено дека сите обврски што ни произлегуваат во делот на електричната енергија се целосно имплементирани, единствено преостанува да се доврши процесот на сертификација на систем операторот за преносен гас кој по спојување на ГА-МА и МЕР во една компанија ќе се заврши во текот на следната година и на тој начин како РКЕ ќе ги имаме имплементирано сите обврски што произлегуваат од европското законодавство“,рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Според него, ова е уште еден доказ дека РКЕ е на исто ниво како и сите регулаторни тела во земјите-членки на ЕУ, а поради позитивните оцени очекува извинување од оние што изминатиот период ја напаѓаа комисијата и него лично. Вели дека се чувствувал како најголем криминалец бидејќи го лепеле на плакати низ Скопје.

„Откако започна енергетската криза пред година и половина РКЕ, беше соочена со постојани напади, постојано требаше да се бори со лажните вести што ги даваа разноразните експерти и РКЕ секогаш инсистираше да ѝ се верува на РКЕ бидејќи сите тие методологии што ги имаме и се применуваат, се применуваат и во земјите членки на ЕУ и не постојат други. Тие се базираат пред сè, на праведно определување на цените на сите енергенси. Како што знаете особено бевме напаѓани на цените на нафтените деривати, па дури јас бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата. И тогаш кажував дека тоа се лажни вести“,рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Сега, вели тој, очекувам тие што го ставале на билборди јавно да се извинат на РКЕ и да престанат, пред сè, како што вели, со неоснованите напади.

Во однос на цените на горивата, за кои вели дека најмногу биле нападнати, најави ново намалување за што посочи дека исклучиво се водат од цените на дериватите на светските берзи како и од намалување на курсот на доларот.

За рангирањето како најдобар регулатор, тој се заблагодари на сите членови на комисијата, но и на вработените бидејќи вели, тој успех им припаѓа на нив. Меѓутоа, ги истакна и забелешките во извештајот наведувајќи дека се бара РКЕ да се ослободи од гломазните процедури за вработување кадри, како и забелешките за мешањето во работата од страна на Народниот правобранител.

„Во овој извештај се дава особено внимание и на гломазните процедури што ги имаме во РКЕ и се препорачува РКЕ да биде изземена од тие гломазни постапки и се дава одредена забелешка за Народниот правобранител кој изминатиот период ја нарушуваше независноста на РКЕ и се мешаше во носењето на одлуките“,додаде Бислимоски.

Во Годишниот извештај за 2022 година на Секретаријатот на енергетската заедница, заедно со РКЕ како најдобар регулатор се рангирани и телата во Црна Гора и Грузија со 80 проценти спроведени реформски процеси. Тие се прворангирани во конкуренција на регулаторите од: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина.

Back to top button
Close