„Медуза“: Кремљ ги „стопира” референдумите за анексија на окупираните територии во Украина

Кремљ ги „стопира“ референдумите за анексија на окупираните територии во Украина, пишува денеска опозицискиот весник на руски јазик „Медуза“.

Според два негови извора, блиски до Кремљ, руските власти на неодредено време ги одложиле планираните референдуми за приклучување кон Русија на самопрогласените „Луганска“ и „Доњецка народна република“, како и во окупираните делови на украинските региони Запорожје, Харков и Херсон. Во секој од нив руските власти имаа формирано таканаречена воено-цивилна управа.

Единствена причина за одложувањето е успешната контраофанзива на украинските војници во правецот Харков. Политолозите поврзани со Кремљ, кои работеле во областа Харков и Запорожје, веќе се отповикани во Русија, истакнуваат соговорниците на публикацијата.

-Сите си заминаа набрзина. Дојде наредба да се вратат дома. Но, таму засега остануваат руските политички технолози, кои го подготвуваа референдумот во областа Херсон.

Секретарот на Генералниот совет на владејачката партија „Единствена Русија„ и прв заменик претседател на Сенатот, Андреј Турчак, на почетокот на септември изјави дека би било „коректно и симболично“ референдумите да се одржат на 4 ноември – Денот на Народно единство, што е државен празник во Русија. Претставниците на окупаторските „воено-цивилни администрации“ на териториите контролирани од Москва ја поддржаа идејата.

Според информациите на „Медуза“, Кремљ на самиот почеток на војната бил убеден дека анексиите на новите територии ќе може да спроведе веќе во април. Поради неуспеси на фронтот, потоа овој рок беше поместен за мај, а на крајот за 11 септември, денот на регионалните избори во Русија.

Меѓутоа, Москва не успеа ниту во септември. На крајот, според изворите на весникот, под притисок на Владимир Путин, кој „нестрпливо“ чекаше да им се „приклучи“ на новите територии, руската претседателска администрација го посочи 4 ноември како „конечен“ датум.

„Веќе следната недела окупациските власти во споменатите региони требаше официјално да објават дека почнуваат со подготовки за ноемвриските референдуми. Сега сите овие планови се запрени … ноември не доаѓа предвид“, наведува еден од изворите на весникот.

 

 

Back to top button
Close