Мерц: И натаму стојам зад предлогот за придружно членство на Украина и Западен Балкан во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, денеска изјави дека е подготвен да остане зад својот предлог за придружно членство на Украина и земјите од Западен Балкан во Европската унија.
Мерц изјави дека концептот добил мешан прием во Украина поради домашни политички причини, но дека идејата била добро прифатена од другите лидери на ЕУ.
„Цели 13 години не сме примиле ниту една нова членка во ЕУ. Иако им ветивме на цела низа земји во Европа пристапување кон Европската унија“, рече Мерц.
Тој оцени дека ЕУ мора или да ги повлече тие ветувања и да каже дека е невозможно некој да се приклучи, што, како што рече, „би било најлошото решение за сите“ или да се движи напред и да се постигне одреден напредок „чекор по чекор“.
„Можете да го наречете поинаку, но ако го изгубиме кредибилитетот, губиме повеќе од тоа. Ги губиме тие земји, а геополитички, тоа би било најлошото нешто што може да ни се случи нам Европејците“, рече Мерц.
Тој потврди дека процесот на пристапување во ЕУ е „комплициран“ и можеби нема да може да напредува толку брзо како што некои би сакале, но нагласи дека е решен ЕУ да остане кредибилна со своите ветувања за членство.
Мерц го испрати предлогот во форма на нон-пејпер до лидерите на Европската унија на 18 мај, а јавноста дозна за него три дена подоцна.
Предлогот подразбира забрзана интеграција и воведување преодни статуси за кандидатите пред полноправно членство.
За Западен Балкан и Молдавија, предлогот предвидува статус на набљудувач во телата на ЕУ и привилегиран пристап до единствениот европски пазар и институции дури и пред формалното членство, а за Украина статус на придружен член, што би ѝ овозможило да учествува на состаноците на ЕУ и да отвора поглавја од преговорите, но без право на глас.






