Методолгија за пораст на платите и закон за плати, најави Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Собранието најави дека ќе има зголемување на платите, воведување методолгија за пораст на платите која ќе зависи од порастот на трошоците на живот, од зголемувањето на просечната плата и од зголемување на перформансите на работниците. Ковачевски најави воведување закон за плати во кој ќе се знае која ќе биде конзистентноста и структурата на платите во државата.
Ковачевски во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање од Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, наведе дека таков закон веќе има во Белгија, Косово.. Такви закони се болни зошто голем дел од државна управа не сакаат да ги прифатат бидејќи, како што рече, во секоја институција има вработени кои имаат и натпросечни плати, но има и вработени во институции кои имаат помали плати, потпросечни плати, а врз кои паѓа добар товар од работата, но заради хронолошки, системски и нерешени прашања тоа останало така.
Премиерот иформира дека им дал задача на вицепремиерот за економски работи, на министерот за финансии и на министерката за труд и социјална политика да изготват такво законско решение, а социјалниот дијалог со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да се води во насока на воспоставување методологија која ќе обезбеди поголеми плати.
Ковачевски информира дека оваа Влада води дијалог со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за сите прашања кои ги засегаат работниците, а претходно одлуки се носеле само во Владата без да бидат консултирани синдикатите. Потсети дека беше зголемена минималната плата на највисоко ниво досега или на 18.000 денари.