Мицкоски: Ги труеле граѓаните со канцероген мазут за да се стекнат со богатство од над стотици милиони евра, секој кој се огрешил пред законот ќе одговара
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос акцијата на МВР за случајот канцероген мазут и мерките издадени од судот, изјави:
„Па видете, јас не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многу пати во минатото. Но можам да кажам дека овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани.
„Да почекаме истрагата да заврши и дури откако ќе заврши истрагата можеме да коментираме кои се сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети. До тогаш ќе се држиме до она до коешто Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност го соопштија на јавноста.