Мицкоски:Иднината на пругата кон Бугарија ќе се решава во Брисел,така ме информираше министерот Николовски

„Ова се регионални проект, ние не можеме да потрошиме пари на граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за пруга којашто ќе заврши на пола тунел во слепа улица. И затоа сега ќе има дијалог на високо ниво во Брисел каде што што ќе дојдат и од бугарска страна и од наша страна луѓе и ќе разговараме каква иднина има овој проект, но тоа останува наш приоритет и понатаму“, изјави премиерот на заедничката прес-конференција со својот српски колега

Изградбата на пругата кон Бугарија, како дел од Коридорот 8 останува приоритет на македонската Влада, а за нејзината иднина ќе се решава на состанок на високо ниво во Брисел меѓу претставници од бугарска и од наша страна.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција со својот српски колега Милош Вучевиќ кој е во официјална посета на земјава / Фото: Влада

Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со својот српски колега Милош Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава, говорејќи подетално за инфраструктурните проекти во делот на енергетиката, патното и железничкото поврзување во рамките на коридорите 8 и 10.

За состанокот во Брисел, како што кажа Мицкоски, бил информиран од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и на него, според премиерот, „треба да се утврди приоритетот“ и тоа да биде заеднички проект помеѓу двете влади – македонската и бугарската.

Говорејќи на темата, тој направи споредба со разговорите со српскиот премиер, кој во однос на проектот за брза железница на Коридорот 10 сакал да ги чуе плановите на македонската страна за да знаат во Белград да продолжат со градежните активности од Ниш надолу.

„Да видиме какви се плановите на бугарската влада, слушнавте и од премиерот Вучевиќ, тие (Србија) велат дека ние ќе го продолжиме од Ниш надолу, ама да слушнеме вие што планирате. Ова се регионални проекти, ние не можеме да потрошиме пари на граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за пруга којашто ќе заврши на пола тунел во слепа улица. И затоа сега ќе има дијалог на високо ниво во Брисел каде што што ќе дојдат и од бугарска страна и од наша страна луѓе и ќе разговараме каква иднина има овој проект, но тоа останува наш приоритет и понатаму“,рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Инаку, првите две фази од пругата кон Бугарија од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка, како што рече премиерот, се во фаза на завршување или се градат и останува само делот од третата фаза кој се протега од Крива Паланка до граничниот премин „Деве Баир“ со Бугарија.

Изградбата на третата делница се најде под знак прашалник поради критиките и обвинувањата од страна на македонската влада дека проектот не е добар, дека изградбата ќе чини многу, а покрај сето тоа и премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави и дека имало обид да биде подмитен за да се согласи со завршување на тековниот тендер.

 

Back to top button
Close