Мицкоски најави нова траса за коридорите доколку УНЕСКО побара
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државата нема да дозволи етничка поларизација и дека инфраструктурните проекти ќе продолжат, но со почитување на меѓународните обврски. Воедно, ја обвини претходната власт за нереализирани проекти и најави можни измени на трасата доколку има судир со заштитените подрачја на УНЕСКО.

Со јасна порака дека нема да дозволи етнички тензии и со директни обвинувања кон претходната власт, премиерот Христијан Мицкоски од Гази Баба денеска испрати сигнал дека проектите за коридорите 8 и 10Д остануваат приоритет, но не по секоја цена. Во фокусот на неговото обраќање беше дилемата – развој или правила, односно дали државата ќе ги почитува обврските кон УНЕСКО или ќе ризикува нови проблеми со меѓународните институции.
Во исто време, Мицкоски ја обвини претходната влада дека зад себе оставила само аванси и провизии, без реална реализација на проектите.
Од отворањето на Домот на културата „11 Октомври“ во Гази Баба, премиерот се осврна и на реакциите во јавноста поврзани со инфраструктурните зафати, повикувајќи на смирување на тензиите.
– Граѓаните од Струга треба да се смират, затоа што оваа влада е влада на сите граѓани и никој нема да биде заборавен. Вклучително и граѓаните од Кичево, Вевчани, Дебарца, Охрид и сите општини кои се долж коридорите 8 и 10Д. Никој нема да остане изоставен“, изјави Мицкоски.
Тој порача дека нема да дозволи етничка поларизација, обвинувајќи дека такви обиди доаѓаат од опозициски партии.
„Обидите за етничка поларизација нема да ги коментирам. Додека сум премиер, нема да дозволам такво нешто во државата“, рече тој, додавајќи дека одредени политичари намерно ја подгреваат темата.
Во делот на економијата, премиерот нагласи дека инфраструктурните проекти се клучни за растот.
– Нам ни одговара да се гради, затоа што на тој начин се зголемува БДП, а со тоа сме поуспешни и на финансиските пазари и кај граѓаните – посочи Мицкоски.
Воедно, тој упати остри критики кон претходната влада за начинот на кој бил воден проектот за коридорите.
– Вистината е дека од реализацијата на коридорите 8 и 10д претходната влада реализираше само аванс и наплати провизија. Тоа беше единственото што го направи – истакна премиерот.
Особено внимание посвети на трасата која, според него, навлегува во заштитен појас.
– Трасата што е повлечена поминува низ дел од периметарот заштитен од УНЕСКО. Сега треба да одлучиме дали ќе ги почитуваме правилата или ќе ги третираме како шведска маса, па ќе го почитуваме само тоа што ни одговара. Ако таа траекторија е спорна, ќе бараме друг начин – нагласи Мицкоски.






