Мицкоски:Не бегаме од никаква Анкетна комисија, но би сакале да ја прошириме и за останатите случаи освен за Кочани


Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, претпоставувам ниту пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да бега, но би сакал да ја прошириме со сите овие останати судски случаи кои завршија на начин на кој завршија. Така што, подготвени сме да разговараме, да дебатираме со секој оној којшто може да помогне или да додаде вредност, изјави премиерот Хрстијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментар за барањата на СДСМ да се формира Анкетна комисија за трагдедијата во Кочани, како и за барањето на ДУИ во истрагата да се вклучат и странци.

Според премиерот, СДСМ и ДУИ не биле задоволни од истрагата за Кочани, но како што рече би ги прашал дали биле задоволни од од истрагата за модуларната болница во Тетово, дали беа задоволно од истрагата за Ласкарци, дали беа задоволни од истрагата за Беса транс, за Трговскиот центар „Соравија“ во Скопје и уште многу други истраги кои изминатиот период беа познати во јавноста.

-И едната и другата опозициска партија, поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ не биле задоволни, така рекоа, од начинот како Обвинителството ја води истрагата, барем така разбрав. Тука би констатирал следново: прво обвинителот е оној истиот којшто го гласаа. Утрото во Кочани пред 8 часот тој обвинител во просториите на МВР Кочани пристигна со двајцата свои соработници. Едниот е Ислам Абази, се надевам дека не треба премногу да зборувам за тоа име, од каде доаѓа, а вториот е Гаврил Бубевски. Јасно ви е од каде доаѓаат, од кои тефтерчиња беа избрани овие обвинители. Тоа што не продолживме во процесот за промена на обвинителите тоа не значи дека сме го заборовиле сето она што го правеа и од каде потекнуваат. Се повлековме само да оставиме простор да се даде јасен одговор и одговорност на секој оној што има и најмало учество во оваа ужасна трагедија, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање за став на предлогот на СДСМ изборот на градоначалник на Кочани да биде со натпартиска личност, премиерот смета дека е прерано за тоа да се зборува или нешто да се комбинира или дускутира, бидејќи раните од ужасната трагедија се уште не се зараснати.

-Мислам дека таков тип на пораки ќе претставува дополнителна болка за луѓето кои ги загубија своите најблиски.Во овој момент немам што да додадам на тоа што го кажува претседателот на СДСМ. Се уште не се поминати 40 денови од овој ужасен настан, а некој размислува за избори, за градоначалници. Тука не би сакал дополнително да коментирам, оставам на нивната чест и совест, одговори премиерот Мицкоски, кој денеска во струмичко Ново Село беше на увид на изградба на пешачка и рекреативна патека до селото Мокриево.

Фото: МИА

Back to top button
Close