Мицкоски: Првиот момент кога ДУИ нема да ги користи демократските инструменти, тогаш ќе мора државата да реагира
СДСМ му нанесе длабоки рани и болка на македонскиот народ и неговите десјтва нема да бидат заборавени, ниту простени со децении, истакна во вечерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Тоа беа тешки времиња за ВМРО-ДПМНЕ, но ВМРО-ДПМНЕ е помалку важно во случајот, поважна е Македонија. Прво, беа тешки за Македонија како држава. Времиња во кои криминалот царуваше, не само политичкиот, туку и на улиците. Времиња во кои државата ја раководеа луѓе кои на идентитетските прашања гледаа со потсмев, за нив ништо тоа не значеше“,
нагласи Мицкоски.
Мицкоски нагласи и дека поранешната власт е често предмет на критики од јавноста.
„Честопати претпоставувам се сведоци на непријатни ситуации додека одат по улиците, додека се во друштво на луѓе, се предмет на критика. Слушаат дека сето тоа кое што го работеле било погрешно и дека не требало така да го прават сето тоа. Но тоа што она што тие себе си го направија и на Македонија како нивна татковина е нешто кое што мислам дека со децении ќе биде незаборавено и нема да им биде простено од граѓаните, пред се од Македонците бидејки нанесоа многу болка на Македонците“,
додаде Мицкоски.
Тој упати сериозна критика и кон ДУИ, посочувајќи дека партијата се наоѓа на пат на радикализација и криминализација. Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.
„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“,
изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.
Премиерот упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал.
„Бидејќи ирелевантно и тотално е неважно што ВМРО-ДПМНЕ мисли, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што си има свој став, и разбирам дека можеби за нив е тоа ирелевантно. Но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“,нагласи тој.
Мицкоски беше дециден дека, иако ДУИ има демократско право да води своја политика, доколку не ги користи демократски инструменти, државата ќе мора да реагира.
„Се додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира“,заклучи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.