Мицкоски со фрапантно тврдење: Пробале да го поткупат за пругата од Коридорот 8. Не било директно туку од искуство насетил?!

Преку комуникациски канали врз премиерот Христијан Мицкоски изминатиот период имало обид за понуда на поткуп со цел да се добие неговата согласност за тендерската документација за коридорот 8.

Ова денеска го сподели со јавноста токму тој, на денешната прес-конференција во Владата. Рече дека случајот е пријавен кај надлежните.

„За Коридорот 8, секцијата 3, пругата, врз мене имаше обид да ми биде понуден поткуп со којшто јас, како претседател на Владата, би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која што истекува на 17 септември и кажав дека сѐ додека сум јас претседател на Владата, овој тендер, којшто е тековен и завршува на 17 септември, нема да го прифатам“ – рече Мицкоски

На прашањето кој му нудел поткуп во врска со Коридорот 8, Мицкоски не прецизираше кој стои зад поткупот, туку посочи дека тоа да не оди јавно на емисија или пак да е документ на кој треба да го потпишат двете страни, туку дека оди преку канали за комуникација.

„Еве лично кажувам дека за Коридорот 8, секција 3 за пругата имаше обид да ми биде понуден поткуп, со што јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која истекува на 17 септември. Но, се додека сум јас претседател на Владата овој тендер нема да го прифатам, поради техничка, но и морална причина. Завршија времињата на таков тип на комуникација со претседател на Владата. Можеби со некои други имало така, со овој нема така“,рече тој.

Според него, претставниците од Европската банка за развој и Европската инвестициска банка нашле разбирање на сите аргументи што им ги предочил, а најави дека дијалогот со бугарска страна ќе се одвива во Брисел на високо ниво, процес што ќе го фасилитира Европската комисија.

„Сите институции што треба да бидат информирани се информирани. Нормално тоа не оди транспарентно, не оди тоа преку докази. Тоа е канал за комуникација, но сум доволно искусен да наслутам дека целта на соговорникот е таа за која што говорам“,вели Мицкоски.

Официјална Софија пред еден месец изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пругa.

И специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратегиско значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување. Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.

Ставот на бугарската влада и на Сарацин дојдоа по изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски, кој ја обвини Бугарија дека нема проект за Коридорот 8. Според него, постои долгогодишна желба да се изгради пруга меѓу Скопје и Софија, но прашањето е како кога Бугарија не е сериозна за проектот. Поради тоа, тој побара парите од Коридорот 8 да бидат пренаменети за Коридорот 10.

ПОВРЗАНО https://libertas.mk/sdk-mickovski-tvrdeshe-deka-pri-avil-vo-instituciite-obid-za-potkup-no-vo-obvinitelstvoto-za-organiziran-kriminal-pri-ava-nema/

Back to top button
Close