Мицкоски: Стоилковиќ гореше од желба да дојде во Косово, но не стигна поради обврски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од заедничката прес-конференција со својот косовски колега Албин Курти, меѓу другото, одговараше на прашања поврзани со отсуството на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ од македонската владина делегација, која во Приштина пристигна во речиси полн состав. Причината за неговото отсуство од владината делегација, како што рече, се оправдани обврски.

 

„Членот на Владата, господинот Иван Стоилковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но бидејќи ние ја поместивме владината седница – требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник – поради оправдани обврски не е денеска тука. Но затоа, заменик-министерот Неждет Мустафа е тука и навистина имаше една прецизна и јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската влада“ изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање од косовските медиуми.

Прашан дали Стоилковиќ навистина горел од желба да присуствува на денешната меѓувладина седница меѓу македонската и косовската влада, со оглед на неговите ставови, но и дали со него е разговарано во врска со прашањето за косовската државност, премиерот Мицкоски рече:

„Мислам дека ние како држава и како влада многу одамна сме кажале што е Косово, меѓу првите во светот. Не треба да дозволиме таа тема некој да ја злоупотребува. Ние меѓу првите како македонска влада кажавме кој е нашиот став поврзан со Косово како држава и сите овие настапи се јасна порака за тоа. Ако континуирано некој се обидува ова да го повторуваме, мислам дека ќе ја изгубиме суштината. Мислам дека сè она што се случува денеска тука и претходно во Скопје на самиот почеток на независноста на Косово, што го направи македонската влада меѓу првите во светот е јасен параметар и показател кој е нашиот став.“

Македонската и косовската влада денеска одржаа заедничка меѓувладина седница во Приштина, по која беа потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области.

Back to top button
Close