Мицкоски вели дека енергетската состојба е стабилна и оти цените на струјата и горивата се под контрола
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија во моментов има најевтини горива во регионот и дека Владата е подготвена да интервенира со сите расположливи механизми доколку дојде до нова ескалација на пазарот.

Мицкоски истакна дека Македонија е единствената земја во регионот која оваа недела не ги покачила цените на нафтените деривати.
„Додека кај нас цените се движат меѓу 1,33 и 1,53 евра, во Грција и Албанија тие надминуваат две евра, а во Германија достигнуваат до три евра по литар“ рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека Владата планира да ја продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто доколку цените растат, а како дополнителна алатка рече дека на располагање стои и интервенција кај акцизите.
Одлуката за следните чекори рече дека ќе се донесе за време на викендот, по затворањето на светските берзи во петок.
Прашан околу тоа дали ќе се прогласи кризна состојба на пазарот со електрична енергија, Мицкоски се осврна на тоа дека ЕСМ има на располагање околу 3 200 тони мазут и оти може да ги повлече кога сака, доколку имаат потреба.
„Од аспект на функционирањето на производните капацитети, тие функционираат, акумулациите се на над 40 отсто, што за овој период од годината е најмалку двојно повеќе од минати времиња. Деновиве во одредени моменти ЕСМ продава на берзи и заработува од 100 до 150 илјади евра на ден“рече тој.
Мицкоски е дециден дека нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата и оти целата состојба е под апсолутна контрола.
Прашан за извештајот на ММФ и нивните прогнози за поголема инфлација од онаа што ние како земја сме ја планирале премиерот Мицкоски истакна дека сè уште не го видел тој извештај.
„Она што е факт е дека ако во 2024 година по економскиот раст бевме во горната половина на Европа, а во 2025 бевме во првите пет земји во Европа, јас очекувам тој континуитет да биде и оваа година бидејќи по апсолутно сите параметри имаме раст“рече тој.
Мицкоски потсетувајќи на висината на инфлацијата изминатите два месеца, која според него била една од најниските стапки во Европа, за месецов рече дека ќе треба да се почекаат бројките што ги објавува Државниот завод за статистика.
„Ќе видиме сега што ќе се случи, отприлика околу 10 во месецот Државниот завод за статистика ги објавува бројките. Инаку, на терен е Државниот пазарен инспекторат и ја следат состојбата, имаме индикатори. Се подготвува нов закон за заштита на конкуренцијата во кој се предвидени многу поголеми глоби за оние трговци што се однесуваат девијантно и непазарно и зависно од тоа каква ќе биде реалноста, така и ќе постапуваме“ додаде премиерот.




