Мицкоски за новата снимка: ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било против СЈО, туку против политичките злоупотреби

Мицкоски вели дека неговата партија никогаш не се противела на работата на СЈО за да го спаси Камчев, туку се борела против политичко влијание и злоупотреба, посочувајќи го случајот „Рекет“

Нелегално снимениот разговор е еден разговор, а сега се сечат и се монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев зашто мислат дека тоа ќе им помогне во нивната изборна кампања и во намалување на дебаклот којшто им следи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја новата аудиоснимка објавена утрово на Јутјуб, која е продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу него и Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените во предметот „Рекет“.

Разговорот во кој зборува за помош што ја добил од Орце Камчев за долговите што ги оставило претходното раководство во партијата, Мицкоски вели дека ја прикажува вистината, за тоа каква била состојбата на ВМРО-ДПМНЕ кога тој дошол на функција.

„Јас тоа сум го кажал практично, што е и таму кажано, дека да, кога ја презедов ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна ситуација, со блокиран имот од истата онаа судијка Димишкова, којашто е сестра на оној адвокат Димишков којшто го слушнавме како бара 6 милиони евра од познат бизнисмен за да биде ослободен од притвор. Да, во тој момент имавме сериозни потешкотии, нешто слично претпоставувам ќе ја зетекнеме и државата после 15 јули. Но, и тогаш верував и сега верувам дека со сите тие предизвици ќе се справам“,рече Мицкоски.

Мицкоски го коментираше и останатиот дел од разговорот во снимката, каде им посочува на соговорниците дека со бори против донесување на новиот закон за јавно обвинителство бидејќи предметот, кој според претходните објавени делови од овој разговор, најверојатно е „Империја“ против Орце Камчев, се уште не е завршен.

„За останатиот дел од разговорот, јас сум коментирал и во минатото дека мора да има правда и право според законите, а не според она што им одговара на СДСМ и Зоран Заев, олицетворено во „Луј Витон“ обвинителството и „трас-трас“ судството. Деновиве ќе се изнаслушаме се и се што, но за нас е важно да останеме фокусирани на понудата, зашто на граѓаните во овие тешки моменти им треба визија за понатаму, а не вакви би рекол, монтирани разговори, во случајот еден разговор, којшто Зоран Заев и СДСМ мислат дека ќе им донесе некаков поен, но им благодарам еве што и тие овозможија уште еднаш да се слушне целата вистина како беше кога ја презедовме ВМРО-ДПМНЕ, но е еве 30 месеци потоа и со блокиран имот и со долгови доаѓаме до избори на кои се бориме за 61 пратеник“,вели Мицкоски.

Тој посочува дека неговата партија никогаш не се противела на работата на СЈО за да го спаси Камчев, туку се борела против политичко влијание и злоупотреба, посочувајќи го како пример случајот „Рекет“.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на СЈО, но ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и сега имаше сериозни индиции за злоупотреба и политичко влијание, што потоа се потврди преку она „луј витон“ куферче, преку оние разговори кои минатото лето јавноста можеше да ги види. А всушност, и се потврди на секојдневна основа, гледате дека еден од осудените во случајот „Рекет“ доби смртни закани, кои што адвокатот ги пренесе до македонската јавност. Јас навистина би сакал да знам што толку ги вознемири властодршците за на таков брутален начин се однесуваат кон нивните поранешни другари, партнери и пријатели. Она што ние го знаеме, а се шушка и во обвинителството е дека Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против највисокото раководство на СДСМ и многумина нивни видни членови за злоупотреба, измама, криминал и корупција. Добро е јавноста и тоа да го знае, но нормално обвинителството вакво какво што е, предводено од Вилма Русковска тоа нема да го дозволи. Така што, ВМРО-ДПМНЕ било и останува за безусловна правда, за разлика од нашиот политички противник“, рече  Мицкоски

Back to top button
Close