Мицотакис: Нулта толеранција за сексуално насилство и секаков вид експлотација на децата

Нулта толеранција за сексуалното насилство врз децата, но и за секаков обид за нивна експлотација, според грчкиот премиерот Кирјакос Мицотакис, е главната цел на Националниот акциски план за заштита на децата од сексуална злоупотреба и експлоатација, за кој се дискутира на надлежните комисии во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис во неговиот говор ги презентираше основните насоки на конкретниот план што почнува од превенција и заштита на децата, продолжува со брза истрага на случаите и завршува со осуда на сторителите и грижа за жртвите.

-Националниот акциски план, исто така, го реорганизира начинот на кој сите служби реагираат при појава на случај. Би рекол дека планот кристализира кодекс на дејствија, прирачник би рекол, со побрзи рефлекси и нова култура во истрагата и гонењето на ваквите злосторства. И ова е целта на двете иновации што ги предлагаме: Единствениот национален протокол за управување со случаи, така што сите ќе го прават истото кога ќе се соочиме со случај на сексуална злоупотреба, но и Национална архива за евиденција и надзор на случаи, истакна Мицотакис.

Додаде дека предвидено е отворање на два центри во Солун и Атина за грижа на децата жртви на насилство, како и центри за поддршка на семејствата.

Во спроведувањето на планот инволвирани се 12 министерства, а координатор државниот министер Акис Скерцос.

 

Back to top button
Close