Милановиќ не е добредојден на одбележување на деблокирањето на Дубровник

epa09965794 Croatian President Zoran Milanovic delivers his statement, during the first day of the 75th World Health Assembly at the European headquarters of the United Nations in Geneva, Switzerland, 22 May 2022. EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI

 

 Организациониот одбор на прославата за 30-годишнината од ослободувањето на јужна Хрватска и деблокирањето на Дубровник денеска потврди дека претседателот и врховен командант Зоран Милановиќ не е повикан, затоа што се работи за прослава, како што се наведува, на бранители што не смее да биде засенета од дневно политички пресметки, јавија дел од медиумите во регионот.

Оттаму додаваат дека одлуката е донесена бидејќи „недопустливо е ваква достоинствена манифестација, каде во центарот се бранителите и хрватската заедница, да биде засенета од спорови, кавги и несогласувања што дневно ги произведува нашиот претседател”.

„Одлуката нема никаква врска со партиите, ниту постојат какви било забрани за повикување на претседателот. Понатамошно коментирање на ова го одвлекува вниманието од она што е важно, а тоа е 30 години од одбраната и ослободувањето на југот, но, по прославата стоиме на располагање за објаснувања”, пишува во соопштението на Организациониот одбор, пренесе хрватскиот портал Дневник.

И Здружението на ветерани од 9-та гардиска бригада откажа дел од денешното одбележување на 30-годишнината од формирањето во Госпиќ, каде доаѓа и Милановиќ.

Од Здружението на Фејсбук објавија дека Кабинетот на претседателот „самоволно го презеде главниот збор” и дека оттаму сакале да наметнат ограничувања за други гости, што за нив не е прифатливо.

„Поради неможноста за комуникација со Кабинетот на претседателот и огромните ароганција и его што доаѓаат од претседателот”, ја наведоа причината за откажување на дел од програмата од предвидениот протокол.

Back to top button
Close