Минатата година 22 жртви на работното место, најмногу во земјоделството

Минатата година имало 22 жртви на работно место во земјава, што е за околу 20 отсто помалку во споредба со 2021 година, но за 9 проценти е поголем процентот на повредени на работа. Најголем број смртни случаи на работно место има во земјоделството, покажува Годишниот извештај за несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 Април, кој е воедно е и Меѓународен ден на сеќавање на работниците што ги загубиле животите поради повреди на работа и професионални болести, здружението денеска организираше симболично засадување 22 дрвца во парк во Ново Лисиче во спомен на загинатите работници во текот на претходната календарска година.

Петар Наумовски, претседател на здружението изјави дека евидентирале 22 загинати на работно место минатата година иако, рече, според податоците на официјалните институции нема загинати.

-Ова нѐ става во високоризични земји. Ако споредиме со европските земји, каде што просекот е околу 2,11 починати на 100 000 работници, кај нас процентот е 3,17. Поттикнати од тоа што официјалните институции не публикуваат извештаи, ние од 2008 го правиме ова во континуитет. И понатаму останува трендот на неевидентирање и неанализирање, едноставно стануваме слепи за минското поле што постои во Македонија, а тоа е работното место, рече Наумовски.

Додаде дека државата досега не анализирала ниту една несреќа на работното место за да се лоцираат причините за да нема повторување и да се подобри безбедноста, што, рече, самото по себе ја адресира одговорноста кај државните институции, почнувајќи од Министерството за труд и социјална политика како креатор на политиките.

-Вистинскиот лек е дека секоја несреќа може да се превенира. Градежништвото е еден од убијците на македонскиот работник, но земјоделството е број еден убиец. Постојано предочуваме дека огромен број индустрии кај нас ги нема на радарот, како што е транспортот, земјоделството и сите оние, да речам, атипични индустрии кои се во надлежност на други инспекциски надзори… Како држава немаме евиденција за несреќи на работа, несреќи на работа со смртен исход и за професионални заболувања. Тоа се трите постулати што зборуваат дека ние сме потфрлиле во спроведувањето на законската обврска на секој работодавец и на државата да се грижи за своите граѓани, додаде Наумовски.

Според анализите и формулата на Меѓународната организација на трудот, рече тој, повредите на работниците државава ја чинат 4 проценти од БДП што е околу 400 милиони евра.

Не е охрабрен дека ќе има промена на негативниот тренд со оглед дека се бараат 60 часа работна недела предвидени за изградба на коридорите 8 и 10д. Рече дека станува збор за луѓе, а не за роботи, и дека тоа е спротивно на сите стандарди и конвенции.

Поддршка на здружението дадоа Гоча Александрија, претставник од Меѓународната канцеларија на трудот, и Антон Лепик, претставник од Паневропскиот регионален совет на Меѓународната конфедерација на синдикати. Тој порача дека не смеат да се занемаруваат ризиците на работните места и треба да се идентификуваат за да се намали бројот на несреќи.

-Секој работник има право да оди да работи во здрави и безбедни услови и да се врати дома здрав и безбеден и тоа е основно работничко право, рече Лепик. Во однос на иницијативата за прекувремена работа од 60 часови неделно за изградба на патиштата истакна дека е неприфатливо и дека ќе пратат формален протест до Владата.

Соопшти дека според официјалната статистика, над три милиони работници во светот годишно загинуваат на работно место и повеќе од десет милиони работници умираат од професионални болести.

Back to top button
Close