Министер во новата влада на Макрон е обвинет за силување

Демиен Абад, новоименуваниот министер за солидарност и хендикепирани лица на Франција, се соочува со интензивна истрага по обвиненијата за силување од две жени, за што првпат извести францускиот медиум Медиапарт.

Обвинувањата фрлија сенка на првиот состанок на новиот кабинет на францускиот претседател Емануел Макрон, што беше одржан вчера.

Две жени го обвинија Абад дека ги принудил на несакани сексуални односи со него кон крајот на 2010 и почетокот на 2011 година, објави Медиапарт. Една од жените поднела две пријави до полицијата во 2012 и 2017 година, но тие биле затворени без да биде нешто преземено.

Министерот Абад остро ги отфрли обвинувањата велејќи дека неговата здравствена состојба поврзана со екстремитетите, физички го спречува да изврши силување.

По вчерашниот состанок на кабинетот, новата владина портпаролка Оливија Грегоар навести дека позицијата на Абад не е загрозена по обвинувањата за силување, но сепак не даде дефинитивен одговор за тоа прашање. „Прашањето овде е утврдување на вистината. На правосудниот систем е да ја утврди вистината. Не зависи од мене, а мислам дека не зависи ниту од вас“, изјави Грегоар пред новинарите.

Новоименуваната француска премиерка Елизабет Борн изјави за време на викендот дека за таквите обвинувања првпат слушнала откако биле објавени во јавноста. „Доколку има нови елементи, ако случајот повторно биде изнесен пред судовите, ќе ги прифатиме сите последици од оваа одлука“, рече Борн, додавајќи дека на тема сексуално вознемирување и напад „не може да има неказнивост“.

Запрашана дали Макрон бил свесен за ова прашање, портпаролката Грегоар рече дека „според моите сознанија, ниту еден член на владата не бил свесен за овие факти“ пред да излезе написот на Медиапарт.

Макрон го назначи својот нов владин тим во петокот, откако го започна својот втор претседателски мандат.

Back to top button
Close