Министерката за одбрана Петровска со осуда за инцидентот на северот од Косово

Осуда за инцидентите на северот од Косово денеска на својот фејсбук-профил упати и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Силна осуда за инцидентот кој се случи денес во Косово и за сите оние кои допринеле за тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот“напиша Петровска на Фејсбук.

Осуда за убиството на косовскиот полицаец денеска имаше и од министерот за надворешни работи Бујар Османи и од првиот вицепремиер Артан Груби.

Османи, изразувајќи сочувство до семејството и пријателите на убиениот полицаец и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените, го осуди убиството и побара темелна истрага и гонење на сите одговорни за овој чин на насилство. Тој порача дека стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство и истакна дека безбедноста на граѓаните е најважна.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи побара темелна истрага за убиството на косовскиот полицаец

Првиот вицепремиер Груби на својот фејсбук-профил напиша „планираните дестабилизирачки случувања во северно Косово кон полицијата, државата и регионот се неприфатливи“.

„Нападот и убиството на косовскиот полицаец е обид за поттикнување криза и конфликт со последици врз мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Најостро го осудувам нападот врз косовските полициски сили во кој е убиен полицаец и има повредени. Апелирам на грижа и зрелост, итно апсење на убијците и стабилизација на ситуацијата“напиша Груби.

Осуди за убиството на косовскиот полицаец доаѓаат од сите страни. Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека ЕУ најостро го осудува грозоморниот напад врз косовските полицајци во Бањска на северот на Косово и повика одговорните виновници да се соочат со правдата.

Осуди имаи од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој според неофицијални информации се наоѓа во Приштина, како и од европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи.

„Најостро го осудувам нападот врз косовската полиција. Насилството мора веднаш да престане. Ја поддржуваме работата на ЕУЛЕКС и КФОР на терен и повикуваме на целосна истрага“,напиша Вархеи на „Икс“, изразувајќи најдлабоко сочувство до семејството на убиениот полицаец и на повредените им посака брзо закрепнување.

Косовската полиција попладнево соопшти дека се убиени три лица кои утрово се судриле со нејзините припадници на северот на земјата, каде што загина еден полицаец, а друг беше повреден.

За друго лице кое било униформирано и вооружено, косовската полиција вели дека е уапсено.

Исто така, при рутинска контрола на возила, во атарот на селото Рударе, полициските единици привеле четворица осомничени кои нелегално поседувале радио опрема, а се сомничат дека се поврзани со криминални групи, соопштија од косовската полиција и додаваат дека сите понатамошни дејства ќе се преземаат во соработка и координација со правосудните органи.

 

Back to top button
Close