Министри без ресор – од ухлебие до алатка за етнички баланс

Укинувањето на категоријата „министри без ресор“ беше дел од најгласните ветувања на СДСМ, но и еден од клучните принципи при формирањето на актуелната влада.

Министри без ресор – најлесната и најкритикувана формула за задоволување на партиските апетити и балансот меѓу  коалициските партнери во Владата,  е пред реинкарнација. По договорот што пред два дена го постигна со Африм Гаши за влез на Алтернатива во Владата, премиерот Заев најави дека „Владата ќе воведе неколку  министри без ресор,  со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици“.

Најавата не би била изненадувачка, доколку се заборави дека укинувањето на категоријата „министри без ресор“ беше дел од најгласните ветувања на СДСМ. Таа категорија имаше кратка, но динамична историја во двата мандата на Зоран Заев.

Уште од 2015 година, тогаш опозициските социјалдемократи жестоко критикуваа дека Македонија е убедливо негативен рекордер со 26 министри на два милиона жители, што значи дека на 81.000 граѓани има по еден министер. Критиката се однесуваше на последната влада на Груевски, која во 2014 го зголеми бројот на министри без ресор од дотогашните 3 до 4 во неговите претходни влади – на 7. Тогаш социјалдемократите ветија дека идната влада на СДСМ нема да има повеќе од 20 министри, со тенденција тој број – да се намалува.

Но, ветувањето не беше реализирано. Владата на Заев во 2017 година го започна мандатот со премиер и 25 министри, а го заврши со 23. Бројот на министри без ресор остана ист како и во последната влада на Груевски, а во меѓувреме за еден се зголеми и бројот на министерства, откако Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Владата на Заев  во претходниот мандат имаше 7 министри без ресор, со посебни задолженија: тројца беа задолжени за странски инвестиции, еден за комуникации, отчетност и транспарентност, еден за дијаспора, еден за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, и седмиот за регулативата за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Новиот принцип

Ново ветување за кратење на овие министерски позиции стигна за време на изборната кампања пред парламентарните избори што се одржаа на 15 јули 2020 година.

„Ги укинуваме кабинетите на сите 7 министри без ресор во новата, уште подобра Влада, предводена од СДСМ и коалицијата ’Можеме‘. Ќе градиме уште поотчетна и потранспарентна Влада, која ќе работи за народот, за унапредување на правата на сите граѓани“, најави Заев во екот на кампањата.

Кога во август 2020 година  СДСМ и ДУИ  постигнаа коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, Заев јавно ги соопшти принципите на кои се темели тој договор. Како трет во редоследот беше соопштен и принципот во однос на критикуваните „функции заради функции“.

„Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места“, рече премиерот на 18-ти август 2020 година.

Меѓу другите принципи, тој ја наведе и согласноста „да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власта, но и да се намалат привилегиите на функционерите“.

Во овој принцип јавноста препозна прифаќање на критиката дека не се потребни измислени позиции за задоволување на партиските апетити, особено без детални податоци каков бил учинокот на многуте министри без ресор со плата над 1.000 евра и други привилегии, кои продефилираа во Владата: Зорица Апостолска, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Рамиз Мерко, Бардул Даути, Самка Ибраимовски, Аксел Ахмедовски, Аднан Ќахил, Зоран Шапуриќ, Музафер Бајрам, Елвин Хасан, Хисен Џемаили… Во претходниот владин мандат дел од нив сами си заминаа заради други функции (градоначалничка или пратеничка), а други беа разрешени и заменети со нови.

Критика – не се потребни измислени позиции за задоволување на партиските апетити

Министрите без ресор не се само симбол за трупање функции, туку и за  зголемување на административниот апарат  заради фактот што секој од нив е опкружен и со дополнителен број соработници. Од друга страна, практиката покажа дека и кога не би биле именувани министри без ресор, потребите на коалициските кадровски интереси наоѓаат пат да се задоволат и преку друг вид вработувања – од советнички до разни раководни позиции во многуте органи во состав на Владата. Тоа, и не само тоа, нѐ навраќа кон уште еден од принципите на актуелната влада, за кој до денес состојбите не се поместени од мртва точка.

„Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на  администрацијатаза 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги“, вети Заев во агуст 2020 година.

Враќање на старо

И додека сѐ уште нема кавалитативен исчекор по овие прашања, Владата повторно се враќа на старите, некогаш и од неа критикувани позиции. Според правни експерти со кои разговараше ДВ, самиот став дека „Владата ќе воведе неколку министри без ресор, со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици“, може да индицира дека надлежните ресори немаат доволен капацитет за тоа.

„Ако на еден ресор, на една цела машинерија и е потребна помош во справување со домашни и глобални предизвици, илузорно е да очекуваме таа состојба ‘да ја подобри’ еден министер без ресор. Ваквите образложенија, кои најмногу имаат врска со  партиско ‘ухлебие’  a не со реални потреби и проблеми, само ги замаглуваат приоритетните обврски со кои треба да се занимава владата. Она што треба да се направи, а не се прави, е да се види дали има дуплирање на надлежностите во одредени министерства. Ако се направи таква анализа, ако јасно се разграничат надлежностите, ќе може да се види дали и каде е потребно намалување, а не додавање и измислување на функции и работни места“, вели правен експерт.

На синоќешната средба на премиерот Заев со коалициските партнери, категоријата „министри без ресор“ била ставена и во контекст на потреба од етнички баланс во составот на Владата. Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, за ДВ вели дека е против тоа, со одреден исклучок.

„Ставот на Демократскиот дојуз е дека не се прифатливи тезите за проширување на бројот на министри во Владата преку министри без ресор, за да се воспостави етнички баланс. Сосема е различно да имате министер кој раководи со ресорно министерство, на пример за земјоделство, за здравство, за финансии итн, во однос на министер без надлежности и без вработени, освен секретарка и возач. Би било прифатливо во Владата да бидат вклучени министри со високи перформанси, силен интегритет, менаџерски способности, вештини и отпорни на корупција, но мора да се води сметка и за етничкиот баланс, односно за соодветна застапеност на етничките заедници. Со новата проекција тој баланс е нарушен на штета на мнозинскиот народ. Би било прифатливо новиот мандатар да ги има предвид овие аспекти при компонирање на новата Влада. Воедно, треба сериозно да се размисли и еден министер да биде на предлог на партиите на турската заедница“, вели Трајанов.

извор: ДВ

Back to top button
Close