Минков: Претседателите на Бугарија и Северна Македонија покажаа дека може да се води нормален дијалог

Поранешниот дописник на Бугарското национално радио (БНР) во Скопје, Мартин Минков, во коментар за надворешно-политичката емисија „Сабота 150“ на програмата „Хоризонт“ на Националното радио, оценува дека претседателите на Бугарија и Северна Македонија Румен Радев и Стево Пендаровски дадоа знак дека може да се води нормален дијалог со европски пристап – без ултиматуми, но со разумни аргументи да се отвори патот за расчистување на проблемите натрупани во текот на минатата година.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, сепак, Минков смета дека тоа не може да се случи пред 22 јуни, кога е закажан Самитот на лидерите на ЕУ. Тој потсети на изјавата дадена од привремениот премиер и министер за надворешни работи на Бугарија дека позицијата на Бугарија е утврдена со Декларацијата усвоена со консензус од Националното собрание и не може да се очекува промена, барем за време на привремената влада. Според Минков, позицијата на Бугарија е принципиелна, но треба да биде пофлексибилна, што не значи дека треба да подлегне на притисокот.

Минков смета дека не може да се очекува учебниците брзо да се променат во Република Северна Македонија, но според него, може да се очекува брза промена на тонот на разговорите и тонот на однесување на македонските медиуми. Според него, Северна Македонија треба да преземе некои чекори, но е категоричен дека ветото не ги решава проблемите. Потребно е да се инсистира на „патоказ“ и како да се исполни Договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија со содржина, коментира Мартин Минков.

Back to top button
Close