Мисајловски и Јанакиески се творци на планот за „Алумина“, останатото се само детали, вели Јакимовски
По гласните реакции на јавноста и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за изградба на висококатници на локацијата кај поранешна „Алумина“ во Карпош, денеска градоначалникот Стевче Јакимовски на брифинг со новинаритеобјаснуваше дека планот е од поодамна и дека сите го поддржувале сѐ до сега.

„Ова не е проект на Стевчо, ова е проект на ВМРО-ДПМНЕ и на владата на ВМРО-ДПМНЕ. И продажбата и нарачките на урбанистичките планови и измените што се правени. Сѐ тоа наидувало на поддршка од мене и сега овој проект наидува на поддршка“, рече Стевчо Јакимовски.
Јакимовски на новинарите им го објасни историјатот на продажбата на земјиштето на оваа локација и неколкуте измени на деталниот урбанистички план кои биле извршени на барање на инвеститорите и тогашните министри на ВМРО-ДПМНЕ, а биле поддржани од сите советнички групи и од градоначалникот Јакимовски.
„Овој проект мојата поддршка и од општина Карпош ја има од 2009 година па наваму. Ова што сега се случува е чиста политика. Факт дека е чиста политика е тоа што претходните одобрувања ги давале министри од ВМРО-ДПМНЕ а сега се тие најгласни противници. Тие знаат да кажат „ама тоа било друго ВМРО-ДПМНЕ“. Господинот Мисајловски е актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието. Кога е продавана ‘Алумина’ надлежен министер во Владата бил господинот Зоран Ставрески. Тој е сега советник на Христијан Мицкоски за локална самоуправа. Што значи партијата си има кадровски континуитет, меѓутоа очигледно се обидуваат различно да размислуваат кога се на власт и кога се во опозиција“, нагласи Јакимовски.
„Продажбата на ‘Алумина’ е извршена во времето на Никола Груевски некаде во 2008 година. Купувач беше ‘Газит глобал’ од Израел. Колегата Андреј Петров пристапил кон измени на урбанистичкиот план и внатре се ставени параметри како што барале инвеститорот и министерството за транспорт и врски. Тогаш министер беше господинот Миле Јанакиески. Тој урбанистички план се усвојува кога јас станувам градоначалник на 19 ноември 2009 година кога претседател на Совет на општина Карпош е Трифун Трифуновски од СДСМ. Значи овој урбанистички план сме го гласале ние, гласале и ВМРО-ДПМНЕ, одобрен е од министерот за транспорт и врски, како што побарал странскиот инвеститор, така сме направиле и немало никаков проблем ни со граѓани, ни со кого било. И тогаш стоело во проектот згради со висина од 105 метри. Значи 105 метри не е измислено ниту од мене ниту од изготвувачите на најновиот план.
Вториот план, на барање на инвеститорите од министерството за транспорт и врски кога сѐ уште е министер господинот Миле Јанакиевски; побараа од нас да го смениме урбанистичкиот план во текот на 2012 година, односно 2013 година бидејќи со новиот генерален план се добија некои нови параметри. И повторно во тој план имаме висина од 105 метри. Тогаш претседател на совет е господинот Сашо Лазаревски од ВМРО-ДПМНЕ. И овој план го гласаме сите и апсолутно немаме никаков проблем ниту со советничка група, ниту со граѓани. Во 2016 година доаѓаат сопствениците на земјиштето од Израел и на состанок кај министерот во кабинет побараа уште една промена (трет план). На инсистирање на министерот направивме и трет урбанистички план кој е усвоен на 5 јануари 2016 година, а министер тогаш е господинот Владо Мисајловски, актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Повторно е потпишан и господинот Сашо Лазаревски како претседател на Советот на општина Карпош. И тогаш ние немавме никаков проблем.
Најновиот план што го имаме, повторно имаме 105 метри висина каде што се предвидени да се градат две висококатници со по 35 ката. Всушност ова е предлог на господинот Стефан Богоев, јас вака го наследив овој проект.
Што е за нас овде важно? Јас без разлика кој бил во составот на општина Карпош, во континуитет го поддржувам проектот. Без разлика дали е на власт ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, без разлика дали сме на власт во општина Карпош со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ проектот ‘Алумина’ секогаш добивал поддршка затоа што сметам дека е добар проект. Со најновиот проект со 1.000 нови паркинг места го разрешуваме проблемот со паркирање на улица ‘Прашка’, го разрешуваме проблемот со паркирање кај ‘Настел’, го разрешуваме проблемот со паркирање и од другата страна кај Сити Плаза. Дополнителен квалитет ни дава проектот што сите сообраќајници ќе бидат под земја а сѐ што е над земја ќе биде зеленило“, истакна Јакимовски пред новинарите.






