Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за три дена во земјава, од 22 јуни целосно функционална за следење на изборите

 За три дена, односно на 19 јуни во земјава пристигнува набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни, изјави за МИА портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш.

Таа истакна дека ОДИХР ќе распореди Специјална изборна оценувачката мисија во Северна Македонија за предвремените парламентарни избори, кои откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера ги усогласија ставовите, ќе се одржат на 15 јули.

Мисијата се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес.

-Мисијата внимателно ќе оценува колку изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и останатите меѓународни стандари за демократски избори, како и согласно националното законодавство, вели Андруш за МИА. 

Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи. Андруш за МИА вели дека биле принудени да ја суспендираат оваа набљудувачка мисија за предвремените избори во Северна Македонија поради ограничувањата на патувањата, но и поради грижата за здравјето, кои се појавија како последица на коронавирусот.

 – Здравјето на нашите колеги е секогаш приоритет. Безбедносните аспекти, како и продолжените рестрикции во меѓународните патувања и ограничувањата за влез во земјите во кои се одржуваат избори создаваат предизвици за сите наши активности поврзани со изборите и пред се за воспоставување на долгорочни и краткророчни набљудувачи, кои се испраќаат директно од земјите-членки на ОБСЕ, нагласува Андруш.

Потенцира дека како и секогаш набљудувачите на ОБСЕ тесно ќе соработуваат со властите во земјава за време на изборниот процес.

ОБСЕ/ОДИХР на покана на македонската Влада испраќа специјална мисија за следење на предвремените парламентарни избори, а мисијата во неделата соопшти дека објавила конкурс за ангажирање експерти од различни области кои треба да го следат изборниот процес. Конкурсот завршува денеска и во него се бараше шеф на мисијата на Северна Македонија и негов заменик, политички и изборен аналитичар, како и аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели.

Back to top button
Close