Мизеријата на малите држави

„Мизеријата на малите држави на Источна Европа“ е насловот на книгата на унгарскиот правник и политики мислител Иштван Бибо. Поуки од неа, како што укажуваат истражувачите на неговотото дело, можат да се најдат и за државите од Западен Балкан денес.

Четврт век од воената интервенцијата на Америка, неовластена од Советот за безбедност на ОН, но насочена кон спречување на погромот и етничкото чистење на Косово од страна на војските на Милошевиќ, работите не се мрднати од мртва точка. После толку притисоци и закани од Вашингтон и Брисел, после толку рокови за исполнување на договореното, следеше ладниот туш на пратеникот на ЕУ Чехот Лајчак, кој деновиве изјави дека „двете општества не се подготвени“за исчекор во насока на траен мир и соработка. Во регион во кој 100 години се малку да ги ослободат општествата од траумите на минатото, предуслов за трансформација во модерни европски демократии, констатацијата сепак шокира и отвора сериозни дилеми. Дали Западот конечно прифати дека нема европски решенија за балканските проблеми? Дали ја напушта тезата дека либералната идеја и промовирањето на демократијата како политички систем е начинот за решавање на конфликтите и патот до мир, зашто, нели, демократиите не војуваат меѓу себе? Или треба прво да се направат границите „праведни“ а после да се исполнуваат со демократска содржина?

Дебатата, всушност, почна уште во текот на воената интервенција: американскиот претседател Клинтон веруваше дека после интервенцијата ќе настапи еден кус период на ладење на вжештените националистички глави и некои поразумни луѓе ќе произведат мир и соработка меѓу Србите и Албанците; одговорот на Кисинџер тогаш беше дека такво нешто нема да се случи зашто балканските проблеми имаат длабоки историски корени на недоверба, страв и омраза, во народите кои живеат на линијата на раздвојувањето на христијанството и исламот – во „Западен Балкан“.

Кованицата „Западен Балкан“ е измислена во време на австриското претседателство со Унијата во 1988 според формулата:„Поранешна Југославија минус Словенија плус Албанија“. Затоа, иако со право се инсистира на поединечни резултати во европските реформи на секоја држава, прашањето за проширувањето стана уште покомплексно – регионално. Западен Балкан е сега „мочуриште“ опколено со држави членки на ЕУ и НАТО и го сочинуваат земји со опасни внатрешни контрадикции кои лесно кожат да се прелеат на соседите и да предизвикаат војни. Но како до решение? Не е случајна појавата на анонимниот „нон-пејпер“ во времето на словенечкото претседателство од 2021 во кое се нуди не европско туку балканско решение за Западниот Балкан: Голема Србија, Голема Албанија, Голема Хрватска и мала муслиманска Босна. Да, и Македонија е тука со непроменети граници, ако ја сочуваме во својата мултиетничност и не дозволиме да не повлечат силните струи на национализмот дома и од околните држави. Зашто, на сите им е јасно: ситуацијата на Западниот Балкан наликува на сврзани садови. Ова не е повик за пасивизација, туку напротив. Без внатрешна консолидација во секоја држава поединечно и целосна консолидација на Западен Балкан во целина, регионот останува ранлив на променливите амбиции за моќ на разни политички структури кои се менуваат во демократскиот процес низ кој тече и недемократското. Значи, немаме време за чекање: што побргу се извлезат од „мочуриштето“ и тргнат во преговори за членство во ЕУ, тоа подобро за државите и народите на Западниот Балкан – Срби, Албанци, Македонци и сите други. Но, тука има пречка која е всадена во умовите на луѓето. Се вика, како вели Бибо, „егзистенцијален страв“.

Иштван Бибо, растел во годините по распарчувањето на Унгарија на крајот од Првата светска војна, образувајќи се врз школски учебници во кои се осудува неправедноста на границите, на дневна основа. Актуелната унгарска политика покажува дека болката е тука и после 100 години.

Македонците се растени со траумата за распарчена Македонија во двете Балкански војни и неправдата сторен врз нашиот народ, на двевна основа, особено низ песните кои секојдневно не потсетуваат на тоа. Не е поинаква ситуацијата и со другите народи околу нас. Секој има приказна за историските неправди направени кон нив и сите се во право. Но, така се раѓа она што се нарекува „егизтенцијален страв“ за опстанок на зедницата .Затоа и „Дали ќе не биде?“ е најчесто повторуваната фраза кај нас во Македонија, на пример. Тој страв, пак, го попречува развојот на демократијата и лежи во основата на анти-демократскиот национализам и уверувањето кај луѓето дека напредокот на слободата ја загрозува националната кауза, пишува Бибо. Да станеш демократ, пак, значи да го совладаш стравот: стравот од други мислења, од други јазици, од зговори, од лошите намери на опонентите, од непријателска пропаганда, од измислени опасности кои стануваат вистински опасности ако се плашиме од нив…

Животот во страв и постојано чувство на закана, пак, неминовно резултира во ограничување на слободите, цензура, потрага по „непријатели“ и „предавници“, воведување ред или привид на ред на сметка на слободата, корупција на демократијата преку манипулација на правото на глас против демократскиот развој,а резултира и во диктатура…, заклучува Иштван Бибо пишувајќи за мизеријата на малите држави на Источна Европа во книгата објавена во 1946 година. !946? Често се заборава дека првиот експеримент со демократијава во Источна Европа почна после Првата светска војна во 1919 година. На Париската мировна конференција претседателот на САД, Вудро Вилсон, ја презентира својата, како мислеле искусните и сомничавите европски политичари, „луда“американска идеја за „самоопределување на народите“ и за „демократија“ засадена на авторитарна почва. Оттаму и пропаднатиот експеримент со демократијата која набргу си го зема својот „нормален“ диктаторски лик во новосоздадените држави на Источна Европа.

Синдромот на траума, страв и хистерија во општеството, создаде еден посебен тип политички водач во земјите на Источна Европа кој Бибо го нарекува „лажен реалист“. Било да се спуштил во политиката од редовите на аристократијата или се кренал од редовите на народот, овој тип на политичар кого го карактеризира талент, лукавост и агресија, е идеалниот администратор на процесот на искривување на демократијата. Во таа искривена демократија, антидемократската власт тече во рамките на демократската форма или некоја друга агресивна политичка измама, вели Иштван Бибо. Примери за вакви политичари има колку сакате на Балканот денес. Да не ги набројувам…

Белешка за Иштван Бибо

Маргинализиран до ниво на приватен граѓанин од просоветските власти во Унгарија, Иштван Бибо, професор на универзитет и дописен член на Унгарската академија на науките, успева, преку пријатели да се вработи како библиотекар во универзитетската библиотека во Будимпешта. Се враќа во политичкиот живот во 1956 во текот на унгарската револуција и станува министер за надворешни работи во владата на Имре Наѓи. По инвазијата на советските трупи тој не поднесува оставка туку се обраќа до меѓународната заедница со декларација. Уапсен е и осуден на смрт. Пресудата, по интервенција на владата на Индија, е сменета во доживотен затвор. Во 1963 ослободен е како последица на една масовна амнестија. Повторно се враќа во библиотеката каде како библиотекар стекнува право на пензија. Живее на маргините на академскиот живот без право да објавува. Умира во 1979 година.

Денко Малески

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close