Мнозинство под ризик – едни да влезат, други да излезат

Таравари најави дека на денешната средба ќе дојде со програма со пет точки во кои се наведени барањата на АА. Доколку тие се прифатливи за Владата, тогаш АА ќе продолжи да преговара и за кадровските решенија.

„Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро, или ние ќе продолжиме во опозиција“, порача Таравари, потенцирајќи дека ќе дадат поддршка за уставни промени и ако останат во опозиција.

За повеќе или за помалку

Во политички кулоари се шпекулира дека влезот на АА е одамна договорена работа, само требало да се финализира во тајминг што според изборните рокови ќе значи дека веќе е „закопана“ можноста за предвремени избори оваа пролет, како што предлагаше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, се шпекулира и дека евентуалниот влез на АА во Владата не мора да значи зголемено мнозинство, туку опасност од „јалова матаматика“, бидејќи, барајќи повеќе, може да остане со помалку, доколку влезот на АА резултира со заминување на Алтернатива.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, избегнува да соопшти став по ова прашање, но изјавите на други лица од партијата укажуваат дека за нив не би било прифатливо влезот на АА да биде на сметка на некои од ресорите што ги има Алтернатива, особено што сѐ уште не ги добиле сите раководни позиции кои им биле ветени кога влегле во Владата.

„На Алтернатива не ѝ пречи Алијанса за Албанците да влезе во Владата, нас ни пречи кога некој не го почитува тоа што го договоривме“, изјави секретарот на оваа партија, Зекрија Ибрахими.

„Кога станавме дел од оваа Влада, потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници“, порача Ибрахими.

Забелешката е насочена кон ДУИ, со оглед дека под контрола на незадоволната „Огнена група“ се тројца пратеници. Еден од нив е, формално независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој во ноември 2021 година со неговото „исчезнување“ спречи да ѝ се изгласа недоверба на владејачката коалиција.

„Да не испадне, сакајќи да го зголемиме мнозинството, да го изгубиме сегашното мнозинство. Затоа што не знам и не сум сигурен како ќе гласаат другите пратеници од мнозинството“, рече Реџепи на ТВ 21.

Сегашната ситуација ја турка Алтернатива на иста линија со „Огнената група“, и веќе се говореше за средба меѓу нивни претставници. Засега нема јасни назнаки како би се поставила Алтернатива кон влез на АА, со оглед на шпекулациите дека таа го мерка ресорот здравство, кој сега го раководи кадар на Алтернатива. Од Владата досега демантираа дека се разговара за конкретни ресори.

Старите партнери во нови критики

Извори во опозициски кругови, сметаат дека евентуалното рекомпонирање на мнозинството, може да доведе и до некои „изнендувања“. Не прецизираат какви, но алузијата е во насока дека обидот за зголемување на мнозинството може и да не заврши според очекувањата на власта. Но, тоа останува во сферата на шпекулациите.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека процесот на зголемување на мнозинството е резултат само на ситнопартиски интереси.

„Она што јас го знам, веќе таму е при крај работата, размислуваат за една или друга варијанта, во смисла дали политичката партија Алтернатива ќе остане во Влада или не, и до петок веќе треба да излезат со формална поделба на министерства. Ова не се прави за никакви уставни измени или уставно мнозинство, затоа што сите знаат дека уставно мнозинство од 80 пратеници нема, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не поддржува и нема да поддржи во овој парламентарен состав уставни измени. Во овој парламентарен состав се прават овие работи само заради проста математика, заради лична корист на Арбен Таравари и екипата околу него, и заради ситнопартиски интереси. Тоа се одлуки кои што тие си ги носат. Како ќе се одрази на нивната политичка партија самите ќе видат“, рече Николоски на ТВ Сител.

Процесот на окрупнување на мнозинството стана предмет на критики меѓу АА и ВМРО-ДПМНЕ. Откако Таравари ја нарече опозициската партија нереформирана, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на новинарско прашање ја коментираше таа изјава.

„Сигурно е европски Таравари да го моли ВМРО-ДПМНЕ да гласа за него во Гостивар – тогаш ВМРО-ДПМНЕ беше реформирано. Кога Алијанса се потпиша за пад на Владата – Таравари се потпиша за ВМРО или против ДУИ? Европската идеја не е молење и уценување за функции и вработување на членови на партија. А, Таравари влегува во Владата во чие време се отселени пет пати повеќе луѓе отколку последните 20 години“, одговри Стоилковски.

Таравари, пак, за обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон АА, вчера истакна дека со такви настапи, се создава поларизација меѓу граѓаните.

„Јас сѐ уште сакам да го запамтам тоа ВМРО-ДПМНЕ што викаше дека нe ни пречи 20 отсто, дека изразуваат жалење за 27-ми април за тоа што се случило. Не би сакал ВМРО-ДПМНЕ да продолжи со вакво појавување, оти знам дека се натпреваруваат со Левица, за тоа кој ќе има повеќе од тоа гласачко тело коешто е многу националистичко“, рече Таравари.
извор: DW

Back to top button
Close