Мојата совест не е кривочно дело
Мојата голгота трае пет и пол години истрага, две сослушувања и обвинителен предлог заснован на наводна несовесност

Почитувани читатели,
Изминаа десет дена откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави дека истрагата за стечајот на Еуростандард банка е завршена, дека до судот е поднесен обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против четврто лице.
Четвртообвинетиот сум јас.
Јавното обвинителство предлага судско гонење против мене поради наводно несовесно вршење на функцијата претседател на Надзорниот одбор.
Не сум обвинет дека сум присвоил пари.
Не сум обвинет дека сум перел пари.
Не сум обвинет дека лично сум одобрил конкретен спорен кредит.
Обвинет сум затоа што, според обвинителството, сум пропуштил должен надзор. Токму затоа јавноста има право да го слушне суштинското прашање:
Која поточно законска обврска сум ја прекршил, а ако сум ја прекршил, кое конкретно дејствие сум пропуштил и како токму тој пропуст придонел банката да заврши во стечај?
Не може функцијата да биде доказ.
Не може титулата да биде пресуда.
Не може одговорноста да се претпоставува само затоа што некој бил претседател на колективен орган.
А уште помалку може еден човечки живот, создаван со децениски кредибилитет и углед, да биде поништен со неколку општи реченици во едно обвинителско соопштение.
КОГА ОБВИНЕНИЕТО НЕ ЈА КАЖУВА ЦЕЛАТА ВИСТИНА
Објаснувањето на обвинителството, според информациите со кои располагам, се темели на податоци што не ја прикажуваат целосната и реалната состојба.
За оваа констатација не настапувам сам. Околу мене работи сериозен правен и стручен тим, кој ги анализира обвинителните наводи, стечајните распределби, работата на органите на банката, извештаите на Народната банка и документацијата што ни е достапна.
Во најскоро време пред јавноста ќе излеземе со факти, бројки и конкретни аргументи. Не со навреди, ниту со претпоставки, а најмалку со политички пароли. Ќе излезам јавно со прашања на кои институциите мора да одговорат! Кога една институција јавно ќе го посочи човекот вперувајќи прст во него, таа мора да биде подготвена јавно да ја објасни логиката на својата постапка, исти така со факти и аргументи. Обвинителството не смее да бара и очекува доверба, само затоа што е обвинителство. Исто како што и јас не очекувам доверба од граѓаните затоа што сум хуманитарец и донатор, туку затоа што пред фактите и Боговите молчат. Довербата се заслужува со докази, прецизност и еднаков однос кон секој граѓанин.
ЗОШТО ДОВЕРБАТА ВО ПРАВОСУДСТВОТО Е ТОЛКУ НИСКА
Денес сакам да се задржам и на едно пошироко, горливо прашање за сите граѓани, а тоа е: зошто довербата на граѓаните во правосудните институции е катастрофално ниска?
Со години европските извештаи предупредуваат на корупција, организиран криминал, политичко влијание и слаба институционална одговорност во Македонија. Цената за тие слабости не ја плаќаат извештаите. Ја плаќаат граѓаните. Ја плаќа секој човек кој ќе влезе во правосудниот систем и ќе почувствува дека постапката трае предолго, дека институциите не одговараат и дека неговиот углед може да биде уништен уште пред судот да ја донесе првата одлука.
Не тврдам дека секој судија и секој обвинител е корумпиран. Но системот, во кој граѓаните речиси воопшто немаат доверба, мора да се запраша што прави за да ја изгуби довербата. Правдата не е само пресуда. Таа е и начинот на кој се постапува со човекот. Правдата е брзина, еднаков третман, конкретен доказ, достоинство и презумпција на невиност. Правда не е кога првин се уништува човекот, а потоа почнува да се испитува дали навистина бил виновен.
ЖИВОТНО ДЕЛО ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРИШЕ СО ЕДНО СООПШТЕНИЕ
Единственото богатство што го носам во себе од сиот свој живот е мојата совест. Токму совеста не ми дозволила да бидам криминалец, корумпиран човек и некој што ја користи државата за лична корист. Таа совест ме научи да ја сакам татковината, да им помагам на сограѓаните и да го ставам човечкото достоинство пред личната корист. Успешен стопанственик станав надвор од Македонија. Капиталот што го стекнав го донесов во Македонија, затоа што верував дека човекот кој успеал надвор, има морална должност дел од својот успех да ѝ го врати на земјата од која потекнува.
Можев да живеам далеку од проблемите на Македонија и да го чувам капиталот надвор од неа. Можев да ја набљудувам својата татковина од безбедна далечина и да не ризикувам ништо. Но избрав поинаку. Избрав да вложувам овде, да отворам работни места, да помагам на луѓето и институциите, да вложувам во култура, спорт, вера, образование и остварувам хуманитарни иницијативи.
Она што сум го подарил на Македонија не е направено за лични политички поени, за возвратна услуга или за лична привилегија. Никогаш не ми ни требале. Го направив затоа што чувствував дека така треба, дека тоа е моја морална одговорност, чест и привилегија што сум во можност тоа да го направам.
Во текот на децениите, моето име беше поврзано со донации, со помош на луѓе во неволја, со поддршка на спортот, културата, науката, верските заедници и општествените проекти. Не го кажувам ова за да се прогласам за светец. Не сум и не тврдам дека добрите дела се имунитет пред законот.
Но ете јавно го поставувам прашањето кое пет и пол години ме мачи. Зарем државата навистина не препозна, не виде никаква морална обврска, внимателно, одговорно и без јавен линч, правно да постапува со човек кој целиот свој живот ѝ давал повеќе, отколку што земал од неа?
Зарем е праведно, човекот што со децении градел, помагал и дарувал, преку ноќ да биде претставен како симбол на несовесност, пред судот да утврди било каква вина?
Свесен сум дека добрите дела не ја заменуваат правната одбрана.
Но, животното дело е доказ за карактерот, намерите и односот што човекот го имал кон својата држава и народ. Тој карактер не може да се поништи со едно обвинителско соопштение.
ЈАВНАТА ФУНКЦИЈА НЕ ЈА КОРИСТЕВ ЗА ЛИЧНО БОГАТЕЊЕ
Седум години бев дел од институциите на Македонија. Три години како пратеник и четири години како градоначалник на Скопје.
Во тие седум години не задржав ниту еден денар од платите и дневниците што ми следуваа. Тие средства ги пренасочував во хуманитарни цели. Како градоначалник користев сопствено возило и сопствен возач. Никогаш не правев репрезентативни трошоци на сметка на градот. Сам си ги плаќав авионските билети и хотелските сместувања. Сето ова треба да е сосема нормално за секој на функција. Секако во правна држава. Додека многумина гледаат на јавната функција како можност да земат од државата, јас ја гледав како обврска да ѝ дадам. Не го кажувам ова за да правам илузија за недопирливост, уште помалку да се правдам. Ниту едно добро дело не е замена за законска одговорност. Свесен сум дека патот до пеколот е поплочен со добри намери, но јас во мојата Македонија не можев да ги предвидам ѓаволските игри и сопки. Не ги очекував ни на сон, а не па од заседа.
Исто така, ниту една функција не смее да биде замена за доказ. Не барам судот да ме цени според моите донации, барам обвинителството да не ме осудува според мојата титула.
ГОСПОЃО КОЛАРЕВИЌ, ОДГОВОРЕТЕ МИ СО ФАКТИ
Госпоѓо јавен обвинител Коларевиќ,
Ви се обраќам директно затоа што го водите предметот. Не сакам од Вас милост или привилегија, обвинителка сте.
Не сакам ниту моите добри дела да бидат употребени како замена за правна одбрана или олеснителна околност. Тоа е навреда за мене. Сакам одговор.
Врз основа на што предлагате да бидам гонет за несовесност како претседател на Надзорниот одбор? Надзорниот одбор на Еуростандард банка броеше пет члена. Одлуките се донесуваа колективно, со гласање.
Затоа јавно прашувам, која моја конкретна одлука е спорна, на која седница, во кој записник и каков извештај сум добил? Која е таа опасност што сум ја знаел, а сум ја игнорирал? Која конкретна мерка сум можел да ја преземам, а не сум ја презел? Како е утврдено дека токму моето наводно неангажирање придонело за стечајот?
Зошто одговорноста на колективен орган ја персонализирате токму преку моето име. Колективна одлука не може произволно да се претвори во вина на еден човек, ниту познатото име смее да биде избрано, затоа што најлесно се става како медиумски наслов.
ШТО ПРЕЗЕДОВМЕ ПРЕД СТЕЧАЈОТ
Четиринаесет месеци пред стечајот, како акционер иницирав промена на Управниот и Надзорниот одбор. Банката беше докапитализирана со околу 13 милиони евра свеж капитал, обезбеден со продажбата на Еуролинк. На новиот Управен одбор му беше дадена јасна насока да се прекине со незаконските и ризичните практики и да започне силна наплата на претходно пласираните средства. Резултатите од наплатата беа многу значајни. Потоа нѐ затекна пандемијата. За време на вонредната состојба, во период од 97 дена, банката немаше можност за присилна наплата на доспеаните побарувања. Во последната година пред стечајот, банката беше сериозно ограничена во работењето со правни и физички лица.
Ова не го кажувам за да избегнам одговорност. Го кажувам затоа што судот мора да ја разгледа целата временска линија, а не само последицата. Кога се оценува нечија совесност, мора да се разгледа и она што човекот го презел за да ја спречи штетата, а не само она што на крајот се случило.
Човек кој вложува милиони од сопствениот капитал, ја продава сопствената компанија и го менува раководството за да ја спаси банката, не смее без прецизни докази да биде претставен како човек што несовесно ја водел банката во пропаст. Ова не е одбрана со емоции, туку прашање на логика, мотив и конкретно постапување.
ПЕТ И ПОЛ ГОДИНИ
Предметот за Еуростандард банка го водите пет и пол години.
Во тој период бев повикан на распит само двапати.
Пет и пол години истрага.
Две сослушувања.
И на крај обвинителен предлог за несовесност. Тоа е факт што бара објаснување. Дали во тие пет и пол години детално сте ги испитале сите членови на Надзорниот одбор; сите одлуки и записници; сите извештаи доставени до Надзорниот одбор; сите супервизорски наоди на Народната банка; промената на раководството во 2019 година; докапитализацијата; наплатите; постапувањето на регулаторот; можностите за санација и причините поради кои банката била однесена во стечај?
Дали сте ја истражиле само одговорноста во банката или и одговорноста на сите институции што со години имале увид во нејзиното работење?
Дали сте ја испитале целата вистина или само делот од неа што се вклопува во обвинителната теза?
Не барам да ја прифатите мојата верзија. Барам да докажете дека сте ја испитале целата вистина.
КОИ СТЕ ВИЕ ДА МИ ЈА ОДЗЕМАТЕ ПРЕТПОСТАВКАТА НА НЕВИНОСТ
Не прашувам кои сте вие како луѓе. Прашувам кои сте вие како институција кога пред јавноста објавувате тешки квалификации, без јасно и разбирливо да ја објасните индивидуалната одговорност. Кои сте вие да дозволите обвинителниот предлог во јавноста да се претвори во пресуда? Кои сте вие да дозволите медиумите да го претставуваат човекот како виновен пред судот воопшто да ги разгледа доказите? Кои сте вие да го оцрните името на човек кој со децении градел, дарувал и помагал, без да кажете што точно сторил?
Не барам моите дела да ме стават над законот, не сум ги правел целиот живот за да се ,,вадам” на нив. Невозможно е и недостојно за мене. Барам законот да не биде употребен за поништување на моето животно дело кое не е поштенска марка.
МОЈАТА НЕСОВЕСНОСТ
Мојата несовесност е тоа што вложив сопствен капитал за да ја спасам банката?
Мојата несовесност е тоа што го сменив раководството?
Мојата несовесност е тоа што побарав прекин на ризичните практики?
Мојата несовесност е тоа што сѐ започна со наплата на побарувањата?
Мојата несовесност е тоа што продадов сопствена компанија и средствата ги внесов во банката?
Мојата несовесност е тоа што капиталот заработен во странство го вратив во Македонија?
Мојата несовесност е тоа што години од својот живот, сопствени средства и сопствени можности им ги посветив на луѓето, на мојот народ на кој му припаѓам?
Или мојата најголема „вина“ е што сум највидливото име поврзано со Еуростандард банка и најпогодното име за јавна демонстрација на институционална сила?Не сум недопирлив. Подготвен сум да одговарам за секое свое дејствие, но не сум подготвен да прифатам вина изведена само од мојата функција, моето име или од потребата после пет и пол години некој конечно да биде обвинет.
НЕ БАРАМ МИЛОСТ — БАРАМ ВИСТИНА
Оваа битка нема да ја водам со закани, со навреди или со повици за јавен линч. Ќе ја водам со факти, со документи, со бројки, со записници, со закон и.со прашања на кои институциите ќе мора да одговорат.
Нема да молчам додека некој се обидува со неколку реда во соопштение да избрише децении работа, човечност, помош и љубов кон сопствената земја.
Не барам јавноста да ме прогласи за невин затоа што сум помагал. Би сакал јавноста да не ме прогласува за виновен, пред да ги види доказите.
Пет и пол години ми земавте драгоцено време. Со едно соопштение се обидовте да ми го земете и името. Сепак, името на еден човек не е само она што обвинителството ќе го напише за него. Името е сето она што тој го изградил, подарил, спасил и оставил зад себе. Моето дело е јавно. Моите донации се јавни. Мојот однос кон Македонија е јавен и јасен.
Сега нека бидат јавни и вашите одговори што точно сум сторил.
Не со општи формулации, не со претпоставки, не преку медиумски сензации, туку со докази што може да издржат пред независен суд.
Мојата совест не е кривично дело, моето добротворство не е доказ за невиност. Тие се доказ дека целиот мој живот не може да биде сведен на една обвинителска квалификација.
Мојата функција не е признание на вина, моето име не е трофеј за институциите. Правдата нема да биде правда ако прво го уништи човекот, неговото достоинство и неговото животно дело, па отпосле да почне да бара дали навистина бил виновен.
Јас не барам Македонија да ми врати за сето она што сум ѝ го дал.
Барам само да не дозволи, без докази и без пресуда, да ми биде одземено она што цел живот сум го градел, а тоа е честа на моето име.






