Монд: Кинескиот претседател во посета на „освоените територии“ – Србија и Унгарија

Кинескиот претседател Си Џинпинг ја продолжува европската турнеја со посета на пријателските земји Србија и Унгарија, каде ќе се разговара за нови инвестиции, но не треба да се очекува да се споменат прашања како што се критиките за човековите права и кинеската трговска политика, односно поддршката на Пекинг за Москва, оцени денеска парискиот весник „Монд“.

– По Франција, Си Џинпинг ја продолжува европската турнеја со патување „на освоената територија“, а тоа се Србија и Унгарија. Кинескиот претседател избра со своето присуство да почести две земји со ограничена демографска и економска тежина, но чии двајца лидери, претседателот на Србија Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан користат многу критичка реторика кон Западот, а тоа им се допаѓа на Кинезите, пишува весникот.

За време на четиридневната посета на Белград и Будимпешта, „не треба да очекуваме критики за човековите права во Кина, за трговската политика на Кина или за поддршката на Пекинг за Москва. Напротив, Вучиќ има намера да го прослави, како што го опишува тој, „челичното пријателство“ меѓу Србија и Кина“, оцени францускиот весник.

Што се однесува до Унгарија, Орбан сака да ја одбрани „својата отворена политика“, бидејќи верува дека „Западна Европа е болна“, додаде Монд.

– И Србите и Унгарците се надеваат дека ќе добијат конкретни најави за инвестиции за време на оваа посета. Вучиќ објасни дека од кинескиот претседател ќе побара помош „за обновување на производството на возови“ во неговата земја, но и инвестиции во областа „летечки возила и „вештачка интелигенција“, пишува францускиот весник.

Унгарските медиуми шпекулираат за изградба на нова кинеска фабрика за електрични возила. Со својата одлучна прокинеска политика, Унгарија за неколку години успеа да стане водечка дестинација во Европската унија за кинеските производители на електрични возила.

– Во споредба со другите земји во регионот, како Чешка или Полска, кинеските компании ја ценат Унгарија поради континуираните добри односи со Кина веќе 20 години, оценуваат унгарски експерти, пренесе Монд.

 

Back to top button
Close