Москва по унгарските избори: Никогаш не бевме пријатели со Орбан

Кремљ го намалува значењето на изборниот пораз на Виктор Орбан. Москва вели дека е задоволна што новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар покажа отвореност кон прагматичен дијалог, но во исто време зазема претпазлив став.

Губењето на клучен партнер во Европа ќе го принуди Кремљ да размисли повторно дали некогаш може целосно да им верува на лидерите од демократските држави, пишува The Guardian.

„Засега, со задоволство ја забележуваме, доколку разбираме, подготвеноста на Унгарија за прагматичен дијалог“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Од наша страна, постои взаемна подготвеност и ќе продолжиме да ги следиме конкретните потези на новата унгарска влада“ рече тој.

Ден претходно, Москва не му честиташе на Унгарија за победата. Наместо тоа, Песков јасно стави до знаење дека Унгарија повеќе не ужива посебен статус и сега, заедно со остатокот од Европа, спаѓа во категоријата „непријателски земји“.

Сепак, со оглед на обемот на поразот на Орбан по 16 години на власт, Москва немаше друг избор освен да го признае поразот.

„Унгарија го направи својот избор. Ние го почитуваме тој избор“, рече Песков во понеделникот.

Тонот на Москва, со кој се минимизира загубата на клучен сојузник, потсетува на реториката по падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Потоа Кремљ брзо се дистанцира од Асад за да се обиде да го зачува влијанието кај новото раководство.

„Никогаш не бевме пријатели со Орбан“, рече Песков, додавајќи дека Москва останува отворена за дијалог и градење добри, заемно корисни односи со Будимпешта.

Во своите први изјави, новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар сигнализираше дека не треба да очекуваме драматичен прекин на односите со Русија. Тој најави дека Унгарија ќе одржува прагматична надворешна политика – ќе продолжи да купува руска нафта и ќе остане претпазлива по прашањето на Украина – но во исто време ќе се обиде да ги ребалансира своите односи со Западот.

„Не можеме да ја промениме географијата“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека Унгарија ќе мора да најде решение за увоз на енергетски производи, вклучително и оние од Русија. Идниот премиер ќе наследи пропадната унгарска економија која е во голема мера зависна од Русија, која обезбедува повеќе од 80 проценти од гасот и суровата нафта.

Се очекува оваа зависност да го гарантира влијанието на Москва во Унгарија во годините што доаѓаат.

„Русија ќе биде таму, Унгарија ќе биде тука. Но, ние ќе се обидеме да се диверзифицираме“, рече Маѓар.

Сепак, тој јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за улогата што Орбан ја играше за Путин.

Тој не остави простор за сомнеж дека ја смета Русија за агресор во конфликтот со Украина.

„Ако Владимир Путин се јави, ќе одговорам“, рече тој.

Back to top button
Close