Москва протерува норвешка конзулка поради русофобни изјави

Русија денеска побара норвешката дипломатка Елизабет Елингсен да ја напушти земјата поради „русофобни изјави“, а во врска со испадот од 6 јули кога при препирка на рецепција во хотел извикала дека ги мрази Русите.

„Нејзиното присуство на територијата на Русија е невозможно после тоа што се случи“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Норвешкиот амбасадор во Москва денеска е повикан во руското МНР каде му е упатен „жесток“ протест поради неприфатливото однесување на Елингсен која си дозволила да упати русофобни и навредливи изјави.

Норвешкото МНР потврди дека нивнот амбасадор во Москва бил повикан на разговор, како и оти и е укината визата на Еленгсен.

„На состанокот амбасадорот ги повторил извинувањата на Осло и истакнал дека зборовите на соработничката не ги одразуваат норвешката политика и ставовите на Осло кон Русија и Русите“, изјави портпаролката на норвешкото МНР. Таа додаде дека норвешката конзулка во моментов не е во Русија, без да посочи други детали.

Скандалот беше обелоденет минатата седмица кога на социјалните мрежи се прошири снимка од надзорна камера на хотел во Мурманск каде Елизабет Елингсен ја вршеше конзуларната функција. Таа на рецепцијата на хотелот вели „ги мразам Русите…само дајте ми соба…навикната сум на чисти соби, јас доаѓам од Скандинавија“.

Според Осло, Норвешкиот генерален конзулат во Мурманск од 1 јули привремено е затворен поради „тешката“ ситуација во билатералните односи меѓу двете држави.

Русија и Западот моментално минуваат низ тензичен период без преседан поради руската офанзива во Украина поради која Европа и САД воведоа низа санкции против Москва.

 

 

 

Back to top button
Close