МТСП: Левица ја злоупотребува судбината на стечајците од „Треска“ и ја лаже и манипулира јавноста
Политичката партија Левица ја злоупотребува судбината на поранешните вработени во АД „Треска“ и во обид да добие ситни политички поени манипулира со јавноста и шири лажни информации, истакнува Министерството за труд и социјална политика во реакција на денешното соопштение од Левица.
Според МТСП, соопштението на Левица претставува целосно искривување на вистината во однос на исходот од вчерашната средба на министерката Јагода Шахпаска со претставници од поранешните вработени во АД „Треска“.
Од МТСП прецизираат дека иако не бил најавен протестот на поранешните вработени од АД „Треска“ пред просториите на Министерството за труд и социјална политика, ниту пак некој од нив побарал состанок, министерката Шахпаска се сретнала со нивните претставници.
-Министерката Шахпаска ги ислуша и најави дека нивното барање во делот на исплата на заостанатите плати и придонеси ќе го презентира во Владата на Република Северна Македонија. Таа побара од претставниците на поранешните вработени во АД „Треска“ да и достават список на лица кои не се опфатени со Законот за стечајци, за да се најде модел за сите што не се на ниту еден начин дел од системот на социјална заштита, да добијат соодветна финансиска поддршка.За жал, претставникот од Левица, претставувајќи се како правен застапник на поранешните вработени во АД „Треска“ присуствуваше на состанокот и наместо да работи во нивен интерес, неговото присуство на состанокот преку манипулации и ширење лажни информации да го злоупотреби во политички цели, стои во реакцијата од МТСП.
Од Левица претходно во соопштение наведоа дека поранешните работници од АД „Треска“ бараат да им бидат исплатени заостанатите плати и придонеси, кои што вкупно изнесуваат околу 3 милиони евра, а министерката на труд и социјална политика Јагода Шахпаска се прогласува за ненадлежна.