Муцунски се обрати на Харвард: ЕУ мора да се фокусира на Западен Балкан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Бостон, вчера се обрати на 11-тата Европска конференција на Универзитетот Харвард, насловена „Лидер или сонувач? Улогата на Европа во фрагментираниот светски поредок”.

Овој настан претставува еден од најзначајните форуми за трансатлантски дијалог и европски прашања во САД, обединувајќи водечки научници, креатори на политики, лидери и студенти од двете страни на Атлантикот.

Во своето обраќање на панелот „Улогата на Европа во глобалната дипломатија – поврзување на Балканот и пошироко”, министерот потенцираше дека Европската унија мора да се справи со постоечките нееднаквости и да ги интегрира земјите-кандидати од Западен Балкан во својата визија за иднината.

Истакна дека е неопходно засилување на постепената интеграција на регионот во различни политики на ЕУ, како и продлабочување на соработката во стратешки области како енергијата, климатските промени, одбраната и безбедноста.

Министерот Муцунски нагласи дека ЕУ политиката кон Западен Балкан е тест за нејзината глобална амбиција. Доколку Унијата има цел да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, таа мора да започне токму од регионот.

„Кредибилитетот на Унијата не се гради само преку зборови, туку со конкретни дела. Европа мора да преземе поголема одговорност за регионот, но истовремено и ние во Западен Балкан мораме да ја разбереме оваа реалност и да го направиме нашиот дел”, истакна тој во своето обраќање.

Back to top button
Close